Поранешниот директор на УБК во периодот од 1999 до 2001 година, Горан Митевски во интервју за 1ТВ ексклузивно открива дека екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков и прв братучед на Никола Груевски бил сменет во 2000-та година од Министерството за одбрана затоа што барал да се прилушкува тогашниот министер за одбрана Љубен Пауновски.
„Кон крајот на 1999 година Мијалков беше поставен за помошник на министерот за одбрана за безбедност и контраразузнавање. Потоа имаше одредени информации дека побарал од службите кои ги контролира, односно кои беа под него да се прислушкува тогашниот министер Пауновски, неговата секретарка, како и секретарката на Мијалков во тој период. На трипати бил одбиен од неговите најблиски соработници и тие изготвија службен материјал и ние го добивме во Управата за безбедност и контраразузнавање. Потоа, преку Јавното обвинителство го процесуиравме. Зошто тој предмет не излезе, односно немаше судска постапка, туку само господинот Мијалков беше разрешен од таа функција и беше поставен за советник на премиерот Љубчо Георгиевски – истакна Митевски.
Ваквите тврдења поранешниот директор на УБК, Митевски ги наметна и во интервју за неделникот „Фокус“ уште пред четири години, односно во 2015 година, каде што истакна дека дури сега е јасно дека Мијалков не бил случајно сменет во 2000-та година, алудирајќи на масовното прислушување.