Рамковната спогодба за набавка на садници која изнесува 9,5 милиони денари е уште еден доказ за начинот на кој се празни буџетската каса на Град Скопје, критикува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
-Листата на цени изгледа вака: зимзелените садници имаат единечна цена од 10.000, декоративните садници цена од 24.000 денари, а дрворедните садници цена од 25.000 денари. Позади мене се садници кои се поставени пред околу 30 дена, а како што може да видите сите се исушени. Огромен е парадоксот што како граѓани сме обврзани да плаќаме нов надомест за одржување на јавни површини, а за возврат добиваме уништено зеленило во градското подрачје. Поради лошото менаџирање на Шилегов, Град Скопје доживува четиригодишна стагнација, а парите се потрошени во празни проекти, изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева.
Според нивните информации, многу од набавените садници не биле во согласност со димензиите од техничката спецификација па неколку од нив биле вратени на добавувачот. -И повторно го прашуваме Шилегов зошто во централното градско подрачје се уништени здрави дрва, додека други над 50 дрва кои претставуваат вистинска опасност за граѓаните не се отстранети иако за истите има уредна документација, рече Митева.