„Седум години власт на СДС и ДУИ резултираше со уништен здравствен систем, незадоволни лекари и граѓани кои ја изгубија довербата во најхуманиот ресор. Затоа на здравствениот систем во Македонија му е потребен комплетен рестарт. ВМРО-ДПМНЕ како идна влада, има визија, но и мисија да го стави здравството високо на приоритетите. Градиме нов концепт за здравството. Платформата за здравствената иднина предвидува комплетна трансформација“ рече денеска на прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Таа нагласи дека приоритет на Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде „изградба на нов Клинички центар во Скопје и Штип. Тоа подразбира и укинување на економските директори на клиниките. Ова двојство кое е базирано преку врзани потписи на медицинскиот и економскиот директор е една конфузија која не дава резултати, туку е само коалициски договор. Понатаму, ќе промовираме национална стратегија која ќе предвидува нов начин на водење на кадровска политика, преку современа и континуирана медицинска едукација, но и современа инфраструктура. Така ќе имаме задоволен медицински кадар кој нема да заминува од Македонија, а со тоа граѓаните ќе добиваат соодветни медицински услуги дома“.
„Регионализацијата на здравствениот систем претставува предуслов за добивање на квалитетни здравствени услуги, затоа идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе работи на стратегија за регионализација на болниците. Штипскиот клинички центар ќе биде една од тие регионални болници. Приоритет на идната влада ќе биде и редовното ажурирање на позитивната листа на лекови, односно проширување со нови лекови кои ќе го подобрат здравјето на граѓаните“ рече таа.
Порача дека ВМРО-ДПМНЕ ќе работи на 3 круцијални сегменти: ефективност, ефикасност и економичност во здравствениот систем.
„Така јавното здравство во целост ќе ги пружа услугите на граѓаните. Во однос на тоа, една од главните цели на програмата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде зајакнување на капацитетите на јавниот здравствен систем. Воедно, ќе изградиме и нови пунктови за итна медицинска помош и ќе го зголемиме капацитетот на возилата согласно потребите на граѓаните“ рече Митева.