Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Министерството за образование и наука (МОН) платило 530.000 евра за привремени материјали за учење.
„Во Министерството за образование и наука се е сведено на импровизации што скапо се плаќаат. Јавноста добро е запознаена дека наместо нови учебници, се изготвија привремени материјали за учење и верувале или не истите тие привремени материјали чинат 32.581.158 денари или 530.000 евра.
Овие експерименти во МОН се со следниов тек. Половина милион евра се плаќаат таканаречени скрипти, кои ќе служат еднократно. Се покрива неспособноста на власта навреме да се обезбедат учебници, и се создава простор за профит на поединци. Да тргнеме со ред, како почнува сагата од половина милион евра.
1. Министерството за образование и наука објавува конкурс преку педагошка служба. Согласно концепцијата за дигитализација, за прво и четврто одделение беа предвидени дигитални учебници кои не успеаја да ги дигитализираат, па ги повлекоа. Согласно податоците со кои располагаме ги повикале истите автори годинава, кои се јавиле на конкурс и истите тие книги, што требаше да бидат дигитални, ги поделиле во делови и така ги направиле привремените материјали за учење за прво и четврто одделение.
2. За второ и петто одделение ги повикале истите автори, тука додале неколку нови и тие по наставните програми подготвувале учебници. Од овие учебници кои пак најверојатно уште се преведуваат и не се финални, сепак од нив биле искористени делови за да се подготват привремените материјали за да имаат барем нешто спремно за први септември“, вели Митева.
Митева тврди дека децата ќе учат од материјали, кои власта успеала да ги скрпи пред самиот почеток на учебната година, затоа што со години ништо не превземаат.
„И наместо нови учебници имаме компилација на привремени материјали од минатогодишните учебници и дел од новите која Министерството за образование и наука ја платило 530.000“, истакна портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ.