Во рамки на денешната емисија „Аргумент +“ на телевизија 24, гостуваше Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ. Митева стави акцент на актуелните интерпелаци, и прашањето за бегалецот од правдата Артан Груби. Митева ја истакна и стабилноста и функционалноста на коалициските односи, притоа критикувахќи ја опозицијата за политичко калкулирање и етнички мотивирани интерпелации.
„Во рамки на владината коалиција можам да кажам дека функционира одлично и во духот на одличен дијалог до сега. Не ценам дека има потрес, ниту пак станува збор за некој нов потрес. Доколку имаме ние опозиција која што креира интерпелации кои што се однесуваа на претставниците од извршната власт, а се однесуваа на една единствена цел, а тоа е собирање на политички поени по основ на етничка основа, тогаш ценам дека навистина само е залудно потрошено време“, изјави Митева.
Во однос на неодамнешното изгласување на претседателката на Комисијата за социјална политика, Митева ја нагласи важноста на почитувањето на собранискиот деловник.
„Сега одиме на дословно почитување на деловникот. Во рамки на една ваква состојба, каде што вие имате јасно изразена волја на пратениците дека со 61 глас ја изгласуваат таа интерпелација, ценам дека и самата политичка партија ДУИ треба да излезе надвор од својата кутија на размислување, која што се заснова, пак ќе повторам, на политички калкулации и манипулации“, истакна Митева.
На прашањето за бегалецот од правдата Артан Груби, Митева беше децидна дека институциите ги преземаат сите потребни мерки за негово изведување пред лицето на правдата.
„На ова прашање најдобар одговор би ви дал претседателот на ДУИ, Али Ахмети, кој што барем од она јас што успеав да го видам низ медиумите знае каде се наоѓа господинот Груби, барем имаше таква изјава. И сосема ми е чудно зошто ниту обвинителството не го повика на разговор да прашаат од каде му се тие информации дали му се веродостојни, и како би постапиле. Како Влада, она што можам да го кажам е дека се постапува согласно сите законски надлежности кои што ги имаме. По бегалецот од правда Артан Груби е издадена меѓународна потерница. Континуирано го повикуваме да се врати и да се соочи со правдата, затоа што самиот чин на бегање можеби дава некои индикации на потврдување на кривичното дело за кое што се товари“, децидна е Митева.
Митева ја искористи можноста да ја истакне неопходноста од политичка одговорност, додавајќи дека времето на уцени и манипулации е минато.
„За жал, ДУИ се уште го применува оној принцип на политички уцени. Времето на такви политички уцени навистина не планираме да го применуваме. Секој кој што ќе биде на една позиција треба да биде свесен дека одговорноста е на прво место и дека никогаш не може да се избега од правдата, без разлика колку долго го правите тоа“, заклучи Митева.