Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева во емисијата „24 анализа“ на ТВ24 синоќа изјави дека поради лошите надворешни политики кои ги воделе СДСМ и ДУИ, изминатите години, ќе треба повеќе време да се средуваат проблемите што се наталожувале. Таа истакна дека Македонија нема повеќе да води политика како до сега и дека нема да се преземаат чекори кои ќе и наштетат на државата.
„Ќе имаме една конзистентна линија, јас верувам во една дипломатија со интегритет за којашто континуирано зборувавме, дека ќе се претставуваме во најдобро можно светло. И јас не можам да си поверувам дека вие сте политичка партија на којашто ви пречи посетата на претседателот на Владата во САД, а бевте политичка партија којашто имаше премиер којшто зборуваше со пранкери, јас никогаш тоа не можам да го разберам“, потенцираше Митева.
Митева го истакна фактот дека СДСМ се служи со лаги и манипулации, наместо да честита на успесите на Владата за продлабочување на соработките со ЕУ и САД. Таа додаде дека Македонија добива континуирана поддршка од земјите членки на ЕУ, за како што рече таа, говорејќи ја вистината и презентирајќи ја македонската приказна.
„Континуирано добиваме конкретни поддршки, кога ја презентираме вистината за тоа што сме направиле, како сме направиле, како сме стигнале до таму и дека навистина бараме да се почитуваат европските вредност, во однос на сите тие состојби, како Македонија ја добиваме таа поддршка“, заклучи Митева.