Популарниот фолк пејач Јордан Митев го најави својот голем солистички концерт, кој ќе се одржи на 20-ти јули, на Ракометното игралиште во Битола. За ,,Фокус” раскажува дека се подготвува за настанот, на кој ќе ги испее своите хитови кои ги создавал за време на 17-годишната музичка кариера, појаснува дека дал голем дел од себе за сето ова време откако влегол во музичките води, а не крие и дека многумина се обиделе да му стават сопка на патот кон успехот.
-На 20-ти јули закажав концерт во Битола. Организатор на концертот е добро познатиот, посебно за битолско-пелагонискиот регион, менаџерот Благоја Стојановски – Пикси. Всушност тој е еден од ретките во Македонија којшто работи со нашата каква-таква естрада. Крајот на јули е период од годината кога луѓето се на годишни одмори, летото е во полн ек и мислам дека е добар период за добар концерт. Луѓето најчесто ме слушаат и гледаат по приватни прослави, и еден мал ден на настани од отворен карактер, така да еве ова е прилика да секој што сака добра музика и забава да може да присуствува. Јас за тоа ќе се погрижам најдобро што можам! Верувам дека ќе направам незаборавен концерт, и тоа на мое големо задоволство со моја авторска музика која ја создавав во изминатите 17 години од мојата професионална музичка кариера-раскажува музичарот.
Додава дека во изминатите речиси две децении, се соочил со многу предизвици. Не му било лесно секогаш да биде помеѓу врвот, кога се фолк музичарите во прашање, бидејќи е еден од најбараните на настапи во дијаспората, а љубовта кон песната секогаш го водела напред. Не крие дека имал позитивни, но и негативни искуства, а за оние кои намерно се обиделе да му прават сопки на патот кон успехот, вели дека им е искрено благодарен, бидејќи му дале дополнителна мотивација и го направиле посилен.
-Кои се моите искуства на естрадата? Па, сум имал секакви, како и во секоја работа, да се биде професионален и некаде меѓу врвот не е лесно. Тоа бара голем влог, кога кажувам влог не мислам само на финансиски, туку да се даде голем дел од себе. Сепак, и покрај се што до сега сме зборувале негативно, доколку си професионален во работата од музика се живее. Зависи и со кого се споредувате, сепак сите ние живееме и сме од Македонија и за било која работа нашите капацитети се прилично мали. За многуте негативни искуства не би сакал да зборувам, јас сум задоволен од каде и до каде стигнав. Се останато нека остане позади мене. Впрочем на многу луѓе треба да и се заблагодарам бидејќи индиректно со својата желба и потреба да ме сопнат, ме направија многу по силен. Имало и такви моменти на откажување, но секогаш имаше голема причина да останам на патот кој го одам- изјави Митев.
Вики Клинчарова