Еден од најзгодните момци во земјава, односно официјално првиот Мистер на Македонија за 2004 година, Драган Стојчевски, денес живее сосема поразличен живот, подалеку од модните писти и рефлекторите.
Вработен во МВР, во шестата управа, како обезбедување на ВИП личности, познати политичари, тој е и организатор на државното првенство во туркање со рака (Armwrestling) кое ќе се одржи на 15- ти април годинава, во дом на АРМ, со почеток од 17.30 часот.
Вели дека не жали што ги заменил натпреварите во машка убавина со спорт, и како денес е сосема поразличен човек, посветен на семејството, сопругата, петгодишниот син и едногодишната ќеркичка.
-Изминатиов период сум посветен на организацијата на натпреварот во туркање со рака, кој ќе се одржи по пет години пауза. Јас сум организаторот, но добив помош и од Агенција за спорт и млади. Продолжуваме каде што застанавме, имаме четири категории, до 80 килограми, од 80 до 90 килограми, од 90 до 100 килограми и над 100 килограми. Победниците од секоја категорија на крај ќе се борат за апсолутен првак на Македонија – вели познатиот тетовец, кој веќе две години живеел во Скопје.
Тој додава дека се обезбедени и парични награди за најдобрите.
-Има парични награди, пехари и медали за првите три места. Во секоја категорија по 6.000 денари за прво место, 3.000 денари за второ и 1.000 денари за трето. За апсолутниот победник има награда од екстра 10.000 денари – раскажува поранешниот Мистер.
Вели дека не жали што повеќе не се занимава активно со моделство, но сепак не се откажал сосема од својата првична професија. Во последните две години снимил 3–4 спота за познати пејачи.
-Моделството, искрено, не ми недостига. Се во свое време, а и годините си го прават своето, имам 39. Сепак, светот останува на помладите – вели Стојчевски.
Првиот македонски Мистер долги години беше манекен во модното студио ,,Црнокрак’’. Постигна голем успех и на светскиот избор за мистер во Кина, од каде се врати со две титули, првата Мистер Фитнес второ место и втората – прво место Мистер на Европа.
Во 2009 година тој позираше во антички костуми за потребите на книгата на Никола Ефтимов во која биле вклучени македоснки и балкански историски костими. Беше облечен во костими што евоцираат на Античка Грција, а фотографиите биле објавени во книгата наменета за пазарот во САД.
Вики Клинчарова