Мистериозно златно јајце откриено на дното на океанот кај Алјаска

by Fokus

Морски биолози на бродот на американската Национална океанска и атмосферска администрација (НОАА) открија необичен објект кој изгледа како златно јајце во близина на брегот на Алјаска. Истражувачите признаваат дека не знаат за што се работи и сликата создадена во преносот на снимање во живо на големи длабочини ја споделија на социјалните мрежи.

-Оваа златна топка, можеби кожурец или јајце, вчера ја разгоре фантазијата на многумина, напиша НОАА. Сликата покажува тркалезна, сунѓереста маса со дупка во неа.

Според Мајами Хералд, истражувач на бродот за време на преносот во живо изјавил дека нешто се обидело да влезе… или да излезе.

-Треперливата златна дупка сè уште е неидентификувана, објави НОАА, која во моментов спроведува петмесечно истражување на длабокото море во близина на Алјаска.

Екипата е опремена со уреди за снимање на морските длабочини, како и собирање податоци кои во реално време се споделуваат со истражувачите на копно.

-Толку е возбудливо да се оди таму долу и да се види дека сè всушност врие од живот,  рече координаторот на експедицијата Шенон Хој.

Поврзани новости