Аднан Михтар, скопјанец на возраст од 29 години кој последен пат бил забележан во хотел во Скопје пред три месеци, се уште не е пронајден. Нема никаков траг од него, а семејството е во очај и бара одговори. Братот на Аднан, Џани, за „Фокус“ вели дека е разочаран од целиот систем.
Прашува како може да не се знае судбината на неговиот брат, кога тој последен пат бил виден во хотел, во урбана средина, каде има многу безбедносни камери.
-Да исчезнеше во шума, во река, па ајде да не се надеваме многу. Но, брат ми последен пат бил забележан во хотел во Скопје, прашувам што е со камерите околу, зошто немаме информација дали се проверени, што има на снимките, каде заминал, со кого? Последен пат во полиција се јавив пред две недели, да прашам до каде е потрагата. Нема ништо ново. Ние, блиските на своја рака го бараме, прашуваме насекаде, секој траг води до хотелот. И потоа, ништо… Таму е виден последен пат. Многу сме разочарани. Пишувам на социјални мрежи, барам одговори, но дали семејството треба да трага или е тоа работа на надлежните служби? –прашува загрижениот брат.
Како што раскажа за „Фокус“ пред еден месец, брат му излегол од дома на осми септември и не се вратил. Бил забележан како влегува во автомобил во Бутел. Тоа го виделе на камерите на соседите, а човекот со автомобилот бил повикан на разговор во полиција. Тој кажал дека го оставил Аднан во хотел во Скопје. Семејството отишло во хотелот каде разговарало со сопственичката, која им кажала дека Аднан останал во хотелот до 10-ти септември, а потоа заминал.
Уште дента кога исчезнал, не одговарал на телефонските повици и не бил активен на социјалните мрежи. Со себе не носел ниту пасош, ниту пари. Не бил оженет и немал деца. Семејството го пријавило исчезнувањето во полиција на 16-ти септември.
На официјалната страница на МВР за исчезнати лица се уште не е објавена неговата фотографија и податоци. Сите кои имаат било каква информација поврзана со случајот да се јават во полиција или пак кај братот на Аднан, Џани, на телефонскиот број 070 922 722.