Централниот одбор на НСДП за единствен кандидат за претседател на НСДП на Петтиот конгрес на партијата го утврди Горан Мисовски, соопштија од партијата.
-Предлогот беше утврден со мнозинство гласови од присутните членови на Централниот одбор, по завршување на дебатата. Исто така на седницата на Централниот одбор беа утврдени Предлог листите за членови на Централниот одбор и Надзорниот одбор, се вели во соопштението објавено на официјалниот партиски сајт.
Во партијата се водеше дебата за тоа дали Централиот одбор треба да утврди еден кандидат или пак да ги прифати и останатите кандидатури. Сепак, иако имаше и други кандидати, мнозинството утврдило да се оди со еден кандидат.
Но, ова не значи дека на Конгресот за избор за нов претседател, Мисовски ќе остане единствен кандидат. Статутот дозволува кандидатури да се поднесат и на самиот Конгрес.
Инаку, имаше десетина кандидати кои поднесоа кандидатури за претседател, а за најсериозен противкандидат на Мисовски важи Кристијан Трајковски.
За еден кандидат не давам поддршка, бидејќи тоа се коси со моите принципи за сфаќања на демократијата и со принципот на конкурентност, изјави денеска за „Фокус“ Тито Петковски пред почетокот на Централниот одбор.
-Ако има само еден кандидат нема борба, тој едноставно ќе биде октроиран, нема да биде избран, правото на избор носи прогрес, турка напред. Луѓето да се научат во живот дека треба да се борат со идеи, програми, да конкуираат и на политичкиот пазар со знаење и квалификации – вели Петковски, додавајќи дека нема да поддржи кандидат што не доставил програма.