Денес, кога светот е во страв од новиот коронавирус, не така одамна владееше голем страв и од останатите вируси кои се појавија во последните 18 години.
Во 2002 година во Кина изби пандемијата САРС, која до наредната 2003 година, кога беше сузбиена однесе стотици животи. Потоа, во 2009 година се појави пандемијата на свински грип, па во 2013 година се појави птичјиот грип, во 2016 година страв сееше Зика вирусот, а исто така и еболата која пред околу пет години однесе над 11.000 животи во светот.
Кон крајот на 2009 година, според тогашните информации од Министерството за здравство, во земјава имаше стотици лица заболени од опасниот свински грип, а голем број од нив беа млади лица, односно средношколци.
Поради тоа, школските екскурзии беа одложени, а во училиштата беше испорачан течен сапун, како еден вид на мерка за превенција. И во тој период владееше голем страв помеѓу населението, посебно бидејќи поради компликации од вирусот починаа над 30 лица.
Четириесетидевет – годишна струмичанка, чиј идентитет е познат на редакцијата ,,Фокус”, а која сака да остане анонимна по барање на семејството кое се плашело од предрасуди од околината, беше една од заболените од тешкиот вирус на свински грип во 2009 година.
Вели дека никогаш нема да го заборави тој период од животот, кој го поминала сама, во изолација, борејќи се за живот.
-Се започна со обична сува кашлица. Не ги сфатив сериозно сигналите, мислев дека имам некоја настинка, грип. Но, по некое време добив покачена температура која никако не сакаше да помине. Се лекував дома, со обични лекови за настинка, за намалување на температурата, со витамини… Не поминуваше и започнав да се чувствувам се полошо, да на крај не можев ниту да се качам по скалите на втори кат. Кашлањето и слабоста се влошуваше, ме болеа градите. Кога конечно отидов на лекар ми беше потврдена дијагнозата свински грип – раскажува нашата соговорничка.
Вели дека првата реакција и била дека тоа не може баш нејзе да и се случи. Била исплашена, но се надевала на најдоброто.
-Во тој период имав 39 години, бев без здравствени проблеми, немав хронични болести. Матичната лекарка ми препиша терапија, примав Амоксиклав и Бисолекс, за страшната кашлица пиев сируп Хербион. Веднаш по дијагнозата се изолирав дома. Живеев сама, но бев и свесна да се тргнам од другите за да не им го пренесам вирусот, а и да сакав да излезам, бев толку немоќна, што не можев ниту да одам. Две недели поминав со редовна терапија, живеев на супи, цедени сокови и чаеви. Не можев ништо друго да јадам, освен супа – вели струмичанката.
Додава дека цел живот била голем борец, па решила дека ќе гледа позитивно на ситуацијата.
-Лошите мисли и стравот се нормална појава при секоја болест, а за да си помогнам себе во таа ситуација, јас започнав на свинскиот грип да гледам како на обичен грип. Знаев дека има многу заболени во земјата, знаев дека фатални последици имаше кај лица кои претходно имале некои хронични болести, што често се случува и при обичниот грип, и така ги поминав тие најтешки две недели во животот, со верба дека се ќе помине. И ете, помина, сега немам никакви проблеми, работам, функционирам најнормално. Токму поради искуството со свинскиот грип, сега кога кај нас владее паника поради коронавирусот, на него гледам многу посмирено – тврди жената.
Според неа, на коронавирусот му се дало премногу внимание, што не било случај со свинскиот грип.
-Не знам зошто, но имам такво чувство, дека овој вирус ќе ги разболи луѓето од паника. Дали е тоа поради средствата за информирање, во периодот на пандемијата на свински грип немаше многу портали, не беа распространети и популарни социјалните мрежи во голема мера, па и поради тоа можеби народот беше некако посмирен, информации се дознаваа од вестите на телевизија, од печатени весници. Сега на секои неколку часа се објавуваат нови информации, луѓето будно следат и се на некој начин преокупирани со ситуацијата. Мислам дека треба да се следат препораките на Министерството за здравство, да се внимава на хигиената, да се избегнуваат гужви и да се надеваме дека вирусот ќе не одмине. Јас и до денес не знам како го добив свинскиот грип, кој ми го пренесе, но тоа веќе и не е важно. Со позитивни мисли кои се добри за имунитетот, со здрава исхрана полна со витамини, мораме да продолжиме напред и да веруваме дека се ќе биде во ред– ни раскажа струмичанката.
Вики Клинчарова