Мислам дека недостигаат осум пратеници за да се изгласаат уставните измени, вели Османи

by Fokus

Министерот за надворешни работи Бујар османи на денешниот брифинг со новинарите на прашањето колку пратеници му недостугаат на владејачкото мнозинство за гласање на измените на Уставот рече дека мисли дека недостасуваат осум пратеници.

„Мислам дека треба да почекаме оваа расправа која формално започна во Собранието, за содржината, да почне да го дава својот ефект. Првиот ефект е дека немаме јавен отпор во однос на содржината на уставните измени“, рече Османи, како одговор на прашањето како ќе ги обезбедат тие осум пратеници.

Тој рече дека е посветено големо внимание на  содржината на уставните измени  и смета дека e добро што досега нема реакции од јавноста токму за нивната содржина.

„Јас не гледам реакција од јавноста, од граѓаните, од експертските групи за содржината на уставните измени. Не гледам таква реакција. Ако имаше проблем со уставните измени досега ќе вриеше со прес-конференции, со ставови на различни експертски групи, невладини организации, тинк-тенкови дека има нешто проблематично во уставните измени. Тоа е најважно. Ајде да се вратиме на содржината… Мислам дека беше некоректно оваа важна тема да се киднапира заради партиски агенди на политичките партии. Ајде да разговараме што е содржината на уставните измени“, изјави Османи.

Османи рече дека на опозицијата ѝ се обезбедени сите гаранции дека Бугарија нема да има дополнителни барања освен влез на Бугарите во Уставот. Наброја дека германскиот Бундестаг излегол со такви гаранции во однос на идентитетот, како и Република Бугарија која излегла со став дека нема да има нови барања.

„Ние гарантираме дека нема да има нови барања. Гаранциите се во преговарачката рамка што ја имаат изгласано 27 земји членки. Во неа во ниту едно поглавје, во ниту една одредница за отворање на било кое од 35 поглавја, не е Договорот со Бугарија или Протоколот со Бугарија“, рече Османи.

Министерот смета дека власта ги прифатила сите барања на опозицијата.

„Бараа ДУИ да излезе од Владата. Чекаме одговор. Ставот на ДУИ е донесен. Одлуката ќе се активира дента, дури може и сега да ја потпишеме со одложено дејство до Собрание или до премиерот, и истото влегува во сила дента кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изгласа уставните измени“, изјави Османи.

Поврзани новости