Миша Поповиќ: Управните и Надзорните одбори досега беа места каде што се „ухлебуваа“ партиски кадри

by Fokus

Досега Управните и Надзорните одбори беа места каде што се ухлебуваа партиски кадри и се надевам дека овојпат ќе се овозможи вистински, барем за јавните претпријатија и за дел од јавните установи, дека ќе се избираат онака како што е предвидено со законските и подзаконските акти, порача Миша Поповиќ од Институтот за демократија „Сосиетас Цивилис“ во дебата на „Топ Тема“ по повод носењето на законот за организација на работата на органите на државната управа.

– Оние сили кои сакаат да се намали влијанието на клиентализмот и непотизмот кој го гледаме во последните 30 години, мислам дека ќе имаат корист од носењето на овие закони и мислам дека би требало да успеат во таа битка иако досега секогаш губеле тие што се за добро управување.

Се надевам дека нема да и се случи тоа на оваа влада бидејќи има покомотно мнозинство од претходното и нема да дозволи притисоци од коалициските партнери – рече Поповиќ.

Укинувањето на економските директори, замениците директори и на дел од институциите, односно кратење на јавната администрација, го најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар, Христијан Мицкоски.

– Еве можам да ви кажам дека идната влада нема да има повеќе организациски или т.н. економски директори во здравствените установи низ Македонија, со што за стотина функционери ќе биде помала администрацијата. При формирањето на управните одбори имаме согласност таа бројка да биде за 20 проценти намалена од таа којашто беше досега. Следен чекор е укинување на позицијата онаму каде што постои заменик (директор) и нормално уште еден чекор, а тоа е намалување на бројот на пратениците во парламентот, но за тоа е потребно отворање на Уставот, од 120 на 90, изјави Мицкоски кој вели дека кратењето ќе биде повеќе од 10 проценти како што беше најавено во програмата.

Оваа најава доаѓа откако без јавна дебата за само неколку дена се изгласа Закон со кој се зголеми бројот на министерствата од 16 на 20.

Поврзани новости