Легендата на хрватската забавна музика, Мишо Ковач (81) синоќа во Сплит одржа голем концерт на кој присуствувале околу 25.000 гости.
Најавата за концертот која Ковач ја објави пред неколку месеци беше големо изненадување за многумина, бидејќи тој подолг период поради здравствени проблеми не настапуваше.
Голем број на познати јавни личности и обожаватели на музичарот од целиот регион синоќа дошле во Сплит, на концертот кој започнал во 21.30 часот, а траел до после полноќ.
На сцената покрај Мишо, се појавија и негови колеги, запеа и неговата ќерка Ивана, а пак неговата внука Елена седеше во неговиот скут додека тој пееше.
Во свој стил, ред песни, ред приказни за публиката, Ковач уште еднаш покажа зошто го нарекуваат крал на хрватската забавна музика. Додека тој не можеше да ги скрие солзите поради емоциите, и публиката плачеше со него, за време на музичкото патување низ времето кое и го приреди.
,,Ако ме оставиш”, ,,Само један дан живота”, ,,Други јој расплиќе косу”, ,,Остала си увјек иста”, и десетици други евергрини со кои растеа генерациите беа дел од репертоарот на музичарот, кој го заврши концертот со песната ,,Пољуби земју”.
-Останете најдобри луѓе кои го чуваат своето и го почитуваат туѓото. Многу здравје, среќа и малку повеќе пари- порача тој на крајот на вечерта.
Вики Клинчарова