На денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан ја споделивме нашата заедничка посветеност на заложбата за доближување на Западниот Балкан до ЕУ, преку јасно утврдени патокази за спроведување на реформи и зајакнување на владеењето на правото, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел по завршувањето на денешната средба на лидерите на Унијата и на државите од западнобалканскиот регион во Брисел.
Проширувањето е процес базиран на заслуги, но при тоа мораме да ја имаме предвид специфичната состојба во која се наоѓа Европа, истакна Мишел на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Според него, во последниве месеци во ЕУ е развиена поголема волја за забрзување на проширување, но тоа не значи дека може веднаш да се отстранат пречките што постојат во овој процес.
Фон дер Лајен од своја страна истакна дека Европската комисија сака отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија по Првиот кластер – Основи што е можно поскоро, како и почеток на преговорите со Босна и Херцеговина кога ќе ги исполни поставените критериуми за тоа, во однос на Црна Гора, според неа, има нов моментум со нова Влада која се враќа на европскиот пат, додека за Србија и Косово останува да ја покажат нивната посветеност на дијалогот и имплементација на досега договореното.
Мишел истакна дека во усвоената политичка Декларација на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан се реафирмира целосната и недвосмислена посветеност на Унијата на перспективата за членство на шесте земји од регионот и се повикува на забрзување на процесот на пристапување, врз основа на веродостојни реформи од страна на земјите кандидати и принципот на индивидуални заслуги.
-Без да ја чекаме конечната одлука за проширувањето ние ќе ги доближиме земјите до нас во ЕУ, преку Планот за раст презентиран од Европската комисија. Овој инструмент е многу корисен, што го посочија и многу од лидерите, како значајна алатка што ќе ни овозможи да работиме заедно на доближување на земјите од регионот до ЕУ, истакна Мишел.
Според него, на овој начин ќе се овозможи и привлекување на инвестиции, економски раст и енергетската соработка, во услови кога ЕУ и земјите од регионот се соочуваат со „руската уцена“ во сферата на енергијата.