Мојата посета тука неколку недели после преземањето на функцијата претседател на Европскиот совет има за цел да даде многу силна порака дека иднината и судбината на Северна Македонија е европска, дека треба да се продолжи интензивниот дијалог и дека треба да се донесе едногласна одлука во таа насока, порача претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел по денешната средба со претседателот Стево Пендаровски во Скопје.
За оваа моја намера во текот на состанокот во март да продолжиме со дебатите околу тоа како да го продолжиме напредокот, посочи, на моите колеги во Европскиот совет ќе им предложам стратегија која се заснова на три столба.
-Првиот столб е да работиме во следните недели и месеци, да се усогласиме околу една реформа на процесот на проширување и негова модернизација. Констатирав дека има повеќе европски земји кои сметаат дека треба да дадат поголемо лидерство на овој процес, повеќе опипливи резултати и да направиме односите да се развијат во взаемен интерес, рече Мишел.
Вториот столб е, потенцира, прашањето кое ќе биде поставено повторно на Европскиот совет околу почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија.
– Свесен сум за сите напории реформи кои се направени и кои треба да продолжат во следните месеци со цел да се спроведе Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија. Знам дека ова се многу чувствителни прашања, меѓутоа тие придонесуваат кон можноста да се напредува на патот кон ЕУ, потенцира Мишел.
Трето, додаде, потребно е ЕУ да донесе стратегија за инвестиции и раст за Западниот Балкан.
-За мене е исклучително значајно со овие структурни реформи, исто така, да се надоврзат и владеење на правото, борбата против корупцијата и заради тоа ќе се разговара и за една долгорочна инвестиција, посочи Мишел.
Претседателот Пендаровски истакна дека членството во ЕУ е наша стратешка цел и покрај тоа што минатиот октомври добивме непријатни вести за евроинтеграцијата и покрај нашите високи очекувања базирани врз недвосмислените изјави и ветувања од страна на институциите на ЕУ и од страна на голем број од државите членки.
-Подготвени да ја прифатиме новата методологија затоа што тоа е во наш интерес процесот за пристапување кон Унијата да биде одржлив и кредибилен. Членството во ЕУ е наша стратешка цел скоро три децении, цел која е поддржана со широк национален консензус, како и со висока поддршка од граѓаните. Се надеваме дека многу скоро уште во март оваа година ќе биде усвоена новата методологија за водење на претпристапните преговори и дека наскоро ќе има позитивни вести за нашата европска интеграција. Очекуваме дека со новата методологија ќе се зајакне процесот на пристапните преговори како политички, така и во однос на кредибилитетот и одржливоста, рече Пендаровски.