ЕУ мора да биде подготвена да прифати нови земји-членки до 2030 година, изјави денеска во Словенија претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел. Пораката на Мишел ќе предизвика егзистенцијална дебата за проширувањето што ќе доминира во дискусиите на високо ниво во блокот од сега до крајот на годината, пишува „Фајненшл тајмс“.
Брисел ги прогласи Украина, Молдавија и Албанија за земји кандидати и почна сериозна внатрешна дебата за тоа како блокот би можел да прими дури осум нови членки.
„Ако сакаме да бидеме веродостојни, мора да зборуваме за тајмингот. Додека ја подготвуваме следната стратешка агенда на ЕУ, мора да си поставиме јасна цел… мора да бидеме подготвени, од двете страни, да се прошириме до 2030 година“, рече Мишел во денешниот говор на Стратешкиот форум во Блед, Словенија, објави „Фајненшл тајмс“.
Според него, ЕУ сега треба да се справи со проширувањето „како еден од главните предизвици. И за ЕУ и за нејзините идни земји-членки“.
Во 2018 година, тогашниот шеф на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, им порача на земјите од Западен Балкан дека ќе влезат во ЕУ до 2025 година.
Презентирајќи ја „стратегијата за проширување“, Јункер изјави дека таа „ги објаснува чекорите што Србија и Црна Гора, со кои веќе беа во тек преговорите, кои треба да ги преземат за да го завршат пристапниот процес во 2025 година.
Лидерите на ЕУ ќе ја имаат првата дискусија за проширувањето во Гранада, Шпанија, на почетокот на октомври. Украина се залага ЕУ да се согласи да почне формалниот процес на пристапување до крајот на годината. И прашањето како да се обезбеди финансиска поддршка за сите кандидати е во центарот на тековната, паралелна дебата за дополнување на буџетот на ЕУ.
Има многу земји-членки кои приватно се прашуваат како ЕУ може да ја прифати Украина, најсиромашната земја кандидат. Но, политичката волја е моќна работа и во моментов работи во корист на Киев, пишуваат медиумите.
„Ова е амбициозно, но неопходно. Тоа покажува дека сме сериозни. Прозорецот на можности е отворен. Мораме да реагираме на тоа“, ќе изјави денеска Мишел.