Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел вечерва најави дека ЕУ ќе и помогне на Украина и во одбраната.
„Ќе ја олесниме испораката на воена помош за Украина. Демократска Украина ќе победи“, напиша Мишел на својот Твитер профил.
Мишел го ретвитна претходниот твит на министерот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, кој за утре во 18 часот закажа виртуелен состанок на Советот на министри на ЕУ, на кој треба да се одлучи за итен пакет европска помош за воените сили на Украина.
Франција пак најави дека ќе испрати гориво и повеќе воена опрема во Украина за да помогне во борбата против руската инвазија и да воведе повеќе економски санкции за Москва, соопшти во саботата претседателството.
Новите санкции ќе вклучуваат „национални мерки за замрзнување на финансиските средства на руски личности“, како и „нови мерки“ што треба да се преземат „со европските партнери во врска со меѓубанкарскиот систем SWIFT“, се вели во соопштението, откако претседателот Емануел Макрон претседаваше со состанок на одбраната.
Исто така, ќе има „мерки за да се спротистави на пропагандата на руските влијателни лица и медиумите на европско тло“, се вели во соопштението, без да се наведат дополнителни детали.