ВМРО-ДПМНЕ покрај огромниот успех на избрани 33 градоначалници уште во првиот круг, има огромен успех на советничките листи со 550 избрани советници во советите на општините и градот Скопје, истакна на прес-конференција Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„550 советнички места за ВМРО-ДПМНЕ наспроти 232 за СДС, 153 за ДУИ, 66 за Левица се доказ дека ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од апсолутен победник на овие избори и дека граѓаните јасно покажаа во кој правец сакаат да се движи државата.
На овие избори ВМРО-ДПМНЕ освои 12.000 гласови повеќе на советничките листи во однос на локалните избори во 2021 година, а во исто време СДС изгубиле 111.000 гласови на советничките листи во споредба со 2021 година“.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ е партија со најмногу советници во 59 општини и градот Скопје, од кои во најголем дел, како што рече, има апсолутно мнозинство во советите.
Граѓаните, додава Мисајловски, покажаа дека политиките на работа, посветеност и одговорност се политики кои ги преферираат, и политики кои сакаат да продолжат.