Мисајловски: Условот на НАТО за издвојување на два проценти за одбрана е испочитуван

by Fokus

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски рече дека Македонија го исполува условот на НАТО за издвојување на минимум два проценти за одбрана.

Тој најави модернизација, опремување на Aрмијата, како и зголемување на стандардот на вработените и пополнување со помладите во Армијата, како три столба кои се приоритет на Министерството и на АРМ.

-Во однос на буџетот би сакал да информирам и да истакнам дека условот за минимум 2 проценти наменет за одбраната е испочитуван. Гледано во пари тој изнесува 329 милиони евра, од кои 32 проценти, односно 106 милиони евра се наменети за модернизација и опремување на Армијата. Гледано во однос на 2024 година тоа се 18 милиони евра повеќе, истакна Мисајловски.

Во рамките на модернизацијата и опремувањето на АРМ, тој рече дека испораката на сите 96 „ЈЛТВ“ возила и возилата „страјкер“ треба да заврши до крајот на годината, а исто така до крајот на 2025 треба да пристигнат и нарачаните системи „Боран“ и „Мистрал“.

„Да најавам дека в година почнуваме постапка за прием на нови 300 професионални војници и тогаш ќе ги објавиме сите овие податоци, 300 нови професионални војници и секој оној што сака да биде дел од Армијата, се разбира, ќе го види огласот и ќе се пријави. Со овој начин ги зголемуваме припадниците во Армијата, но и ја подобруваме нашата борбена готовност. Исто така, продолжуваме со прием на 60 граѓани со цивилни факултети, ќе завршиме и со постапката за прием на питомци и она што се дополнителни вработувања за оние категории најпотребни во Министерството за одбрана“, рече Мисајловски.

Тој додаде дека в година ќе се исплаќаат тековно сите обврски кон вработените. Последните шест месеци Министерството исплатило 99 проценти од наталожените обврски кон вработените. Како многу важен столб, Мисајловски го истакна и човечкиот капацитет за кој рече дека е врвен приоритет, кој е вклучен во стандардот на вработените и пополнување со помладите во Армијата.

Поврзани новости