„Ви честитам на изборот, вашата работна кариера да ја посветите на Армијата, но првенствено на граѓаните, и на државата. И вие и ние заедно со вас почнуваме ново поглавје во вашите животи“, истакна министерот за одбрана Владо Мисајловски на денешната свечена заклетва на 28. класа питомци во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, – Скопје.
Мисајловски рече дека питомците новото поглавје во својот живот го започнуваат во институцијата која има најголема доверба меѓу граѓаните. Тој додаде дека нивните први чекори се на Воената академија која е респектабилна високо образовна институција во широки рамки од која се излезени многу квалитетни офицери кои дале и даваат значаен придонес за афирмирање и развој на македонската Армија.
Мисајловски им посaка добредојде на питомците од Црна Гора, и Босна и на сите им порача:
„Во наредниве четири години заеднички и посветено да ги совладувате тајните на воената професија, да се усовршите, затоа што вие ќе специјализирате во област која е специфична и но карактеристична по стандардите, стручноста, дисциплината и најважно соработката. Заедно во следните 4 години ќе учите, ќе се обучувате и ќе придонесувате за развој на нашата соработката. Денес како питомци, а утре како офицери на Армии кои се грижат за безбедноста на своите сограѓани, пример за успех, пример за подготвеност, беспрекорно да ги совладувате предизвиците кои ни претстојат“.
„Вие питомците, сте иднината, вие питомците сте драгоцениот потенцијал на македонската армија. Ве очекуваат тешки, но и интересни студии на една солидна академија. Во изминатите, речиси три децении, Воената академија „Михаило Апостолски“, израсна во почитувана институција, призната во регионални рамки, но и пошироко. Должни сме и понатаму да работиме на нејзиниот развој и напредок“, порача Претседателката Гордана Сиљановска Давкова.