Нашата земја останува посветена кон поддршката за Украина и украинските граѓани, гласи пораката која министерот за одбрана Владо Мисајловски ја испратил од состанокот на Контакт-групата за Украина, што се одржа денеска во Рамштајн, Германија. На состанокот по првпат учествуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
На состанокот, како што информираат од Министерството за одбрана, била потврдена потребата од почитување на принципите на меѓународниот правен поредок и недвосмислено била изразена поддршка за независноста и одбраната на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
На маргините на состанокот на Контакт-групата на Украина, како што додаваат од Одбрана, министерот Мисајловски остварил средби со своите колеги од Бугарија, Албанија, Косово и со заменик-министерката за одбрана на Романија. Ја потврдиле заложбата за траен мир во Европа.
Инаку, Контакт-групата за Украина ја сочинуваат 57 земји, меѓу кои сите 32 членки на НАТО-алијансата. Под лидерство на САД, со ова тело се координираат напорите за помош и поддршка за Украина.