Откако ја раскина коалицијата со Христијан Мицкоски, градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ Стевчо Јакимовски отвори судир со поранешните партнери, меѓу кои и со потретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајлковски, кој е поранешен министер за транспорт и врски.
Како одговор на обвинувањата дека бил „урбан криминалец“ и дел од „урбана мафија“, Јакимовски рече дека тој трпел критики и сносил одговорност поради тоа што, според неговите зборови, Мисајловски како министер му интервенирал во урбанистички планови.
-Кој ни ги држеше плановите по 6 месеци? Кој ни ги пушташе плановите директно на седница на совет? Пауза дававме, а внатре додавале по еден спрат, паркирањето 70 отсто го ставале надвор од локација итн. И за сето тоа јас го јадев стапот и критиките од јавноста и истраги и што не – рече Јакимовски на ТВ 24.
Воедно, тој го спомена Мисајловски, истакнувајќи: „Како ние сме урбана мафија, а тој што е?“. Но, Мисајловски го отфрла ваквите обвинувања, нарекувајќи ги неточни и невистинити.
-Секторот за урбанизам во Министерството секогаш постапувал согласно законските прописи и никако поинаку. Согласноста за било кој план ја прегледуваат и ја одобруваат стручните луѓе во Министерството и секогаш секоја согласност била издадена согласно сите законски процедури – вели Мисајловски во изјава за Фокус.
В.С.