Во текот на ноќта во северниот дел од косово немаше инциденти, но тој дел е и понатаму блокиран, од граѓани од српска националност и од страна на полицијата на Косово. Иако на блокадите е мирно тензиите се високи, јавија српските и косовските медиуми.
Премините Јариње и Брњак на северот на Косово се уште се затворени за пешаци и сообраќај, а единствениот начин за премин е преку Мердаре.
Од Јариње до Звечан има неколку барикади, а најмногу луѓе има на барикадата кај Рударе, каде сообраќајот од Звечан кон Приштина е целосно блокиран.
Како што е најавено, училиштата на север во Косово денеска нема да работат.
Блокади има и на патниот правец Митровица – Зубин Поток, кон точката Брњак.
Она што беше споменато во текот на вчерашниот ден, дека припадниците на косовските полициски сили насилно ќе ги тргнат барикадите, не се случи.
Ден откако Србите на северот на Косово ги блокираа патиштата, а властите во Приштина и претставниците на Европската унија и САД побараа отстранување на барикадите, претседателот на Србија Александар Вучиќ ги повика Србите да не „паѓаат на провокации“ и да не да ги напаѓаат ЕУЛЕКС и КФОР.