Еден од најпознатите македонски автори, продуценти на електронска музика и културни работници, Мирко Попов пред неколку дена изрази поддршка за градоначалникот Петре Шилегов на митингот во СЦ Борис Трајковски.
Неговата изјава „Скопје е дијагноза“ крена многу прашина во македонската јавност, а „Фокус“ контактираше токму со Попов за да биде разјаснета целата ситуација.
Според него, изјавата е погрешно толкувана од најголем дел од луѓето, додавајќи дека е опседнат со Скопје и го сака најдоброто за овој град.
„Скопје е дијагноза. Пред се моја лична, приватна дијагноза. Знаете, јас сум поет, писател помалку. Пишувам за себе лично уште од крајот на 70тите. Моите пишани нешта ги објавувам, или ги објавуваат други, уште од почетокот на 90тите. Последниве 20 години имам напишано преку 300 текстови кои ги пеам во своите песни, нели музичар сум, имам објавено 20тина авторски албуми. Некои луѓе пишуваат љубовни песни, некои продаваат ангажирана, дневнополитичка реторика. Ако погледнете во мојата лирика, ќе забележите една генерална, но и доста детална опседнатост со Скопје. Јас сум буквално опседнат со овој град и пишувам за него во континуитет. Скопје е мојот Њу Јорк, мојот Лондон, мојот Берлин. Никогаш не се помирив со тоа дека мојот град не е доволно “кул“ и целиот мој живот, како уметник, издавач, продуцент, организатор на културни настани и секако поет, му го посветив на мојот град“, вели Попов.
Што сака да се случува во Скопје и за што се залага Попов за главната метропола на Македонија?
„Сакам Скопје да ми/ни свети од култура, убавина и инспирација, како најсјајните градови во светот. Тоа се оние градови каде скопјаните бегаат оттука во “подобар живот“. Јас се залагам тука да биде тој подобар живот, токму тоа и го работам. Кој е запознаен со мојата работа, многу добро знае дека е така. Кој не е запознаен, време е да се запознае, се разбира, доколку искрено ги сака овој град и оваа земја. Навистина ми е жал, што за многумина остана нејасна оваа моја мала приказна – дијагноза. Многумина не ни сакаат да разберат, изгубени во сопствената омраза која ја блујат наоколу. На крајот, секој има некаква опсесија, која простум прераснува во дијагноза. Скопје е мојата. Која е вашата?“, го заврши разговорот Попов.
Фото – Димитар Апостолов
Јорданчо Цветаноски