Текстот е објавен на 14 април 2006 во неделникот „Фокус“ во бројот 563.
Пишувала
Мирка ВЕЛИНОВСКА
Во една полемика со еден од оние новинари кои се самореализираат во македонскиот општествен поредок со ниски стандарди и изместен вредносен систем, убаво се сетив да ја споредам македонската микро средина со баруштина запоседната од жаби. Жабарникот не дозволува низ него да протече свеж воздух. Жабите во жабарникот го бранат својот свет, својот природен амбиент со сите расположиви сили. Во ова предизборие, обземени од страв дека овој нивен простор може да го нападне чист воздух, ги збиваат редовите.
Никола Груевски, кандидат за иден премиер на Македонија, лидер на опозицијата со уверение кое му го даде власта, наша најнова политичка надеж, на три месеци од изборите ни покажува дека е политичка јаловина, македонски транзициски производ со мувлосан „квалитет“, само уште едно жапче во баруштината на СКМ. Уште едно ситно душиче кое е произведено во специфични политичко-економско-социјални услови со единствена цел да го одржи фосилизиран амбиентот во ова западнобалканско мочуриште.
Груевски до сега не покажа дека е политичар од калибар. Пречесто дозволува да го предрибла оној грогиран СДСМ и потоа јавно плаче дека „го изиграле“. Неговата главна политичка карактеристика е постојано да се жали дека му забиваат ножеви в грб, а тој кутриот, невин ѓоа ангелче. Тој на овие избори ќе победи. Не зашто е квалитет, туку зашто биолошкиот часовник на СДСМ му отчукува. Оваа негова победа за Македонија нема да значи ништо. Оти изборите не се организираат за нејзин просперитет, туку за континуитет на „ништавилото“.
ГРУЕВСКИ БЕСКРУПУЛОЗНО ГИ ТРОШИ ЛУЃЕТО
Изработувачите на психолошките портрети на личностите кои доминираат во некоја локална средина, како прв услов за спроведување конкретна политика во конкретен регион, веќе знаат сѐ за политичкиот формат на Никола Груевски, за неговиот карактерен склоп, за неговите капацитети на преговарач, за неговиот морален габарит, а пред сѐ за неговата цена.
После опструирањето на референдумот за територијалната организација кога беше тестиран политичкиот и национален капацитет на Македонците, опструирањето на изборот на Мирјана Најчевска за претседателка на ДИК е вториот мега-удар што од домашни политичарчиња и нивните медиумски свирчиња ѝ е зададен на македонската демократија. Никола Груевски ја носи одговорноста за овој национален резил и залудни се сите негови обиди да ја распореди на еднакви делови со сите свои содружници.
Мирјана Најчевска била одбиена од СДСМ поради својот незгоден, прелиберален карактер! СДСМ, на 24 часа пред крајниот рок, на Груевски му кажа дека Најчевска е идејно-политички неподобна. Односно, дека Најчевска не може да се контролира. Кога личноста која требаше да раководи со ДИК е оценета како несимпатично самосвојна, јасно е дека беше направен фото-робот на личност кој има баш онака згоден карактер, кој лесно може да се насочува во саканиот правец.
Груевски, кој тактизираше со предлогот за да се најде во временски теснец, очигледно Најчевска ја понудил како дудинка на која ќе фати кленче. Ќарот му е мал (успеа да го разголи СДСМ и неговиот основен критериум за проценка на квалитет), а моралниот зијан ненадоместливо голем (откривме дека и Никола Груевски подеднакво страхува од личности кои не може да ги контролира и со кои не се согласувал, не се согласува и нема да се согласува во иднина). И тој во своето пост-фестум објаснување рече дека и самиот имал забелешки на нејзиниот „карактер“.
Тоа го забетонира впечатокот дека е човек кој си поигрува со луѓето, не водејќи сметка за нивниот интегритет. Како што ладнокрвно го фрли во арената Сашко Кедев како спаринг-партнер на Црвенковски, за да го обезбеди изборот на вториов за претседател на Македонија, па, откако ја оствари улогата, исто толку ладнокрвно го претвори во партиски аутсајдер. А ни го нудеше како „новото лице на Македонија“! Имено, му дозволи на Љубиша Георгиевски, таканаречениот дипломат во сенка јавно да го прогласи за пет пати поглуп од Груевски. Гледате како низ еден пример можете да донесете непогрешив суд за моралниот лик на овој политичар.
На идентичен бесчувствителен и калкулантски начин Најчевска беше употребена во ситната манипулативна игричка на едно аматерско боксерче, театарски статист со наполеонски комплекси. И така, „незгодниот“ карактер на Најчевска е заменет со згодниот карактер на извесниот анонимус Јован Јосифовски, инаку кадар на Доста Димовска. Онаа истата за која Борис Трајковски јавно, во Собранието го потсети Бранко Црвенковски каква клучна улога одиграла во изборите од 2002 година!? Со тоа кругот е затворен: Груевски и овој пат ќе игра облечен во дресот на Б.Ц. СДСМ е распоредена во доминантниот дел од нашата таканаречена опозиција.
МИСИРИ ЗА ПАРТНЕРКИ ИЗБИРААТ МИСИРКИ
Од претставата „Избор на ДИК“ може да се изведат следните заклучоци:
1. Македонските партии ги избираат своите кадровски решенија по критериумот „соодветен карактер“.
2. Карактерите се делат на добри, конзервативни и незгодни, прелиберални
3. Со кој инструментариум ги проценуваат карактерните особености, останува „добро чувана службена тајна“, но гледајќи ги Кондарко, Макрадули, Каролина Ристова, Роза Топузовска, Андреј Жерновски, Емилијан Станковиќ, Трајко Славевски, Љубиша Георгиевски, Александар Бичиклиски…, слободно можеме да се пофалиме дека сме ја декодирале.
4. Мирјана Најчевска е среќна што не се родила пред два века. Со овој карактерен опис што ѝ го даде политичката инквизиција, денес веќе ќе гореше како вештерка.
5. Злобното, провинцијално ликување на една нафракана будоарска пудла како Љубомир Фрчкоски и на еден фабрички новинар со докажано слабо бабуле кое се опушта пред секој „авторитет“, како Бранко Героски, се широк сликарски потез на едвардмунковски насликан македонски крик на ужасот.
6. И овие избори нема да бидат ни демократски ни фер, ами како сите досегашни: договорени, фингирани.
7. На недостојните фалсификувани претседателски избори Б.Ц. стана „државник“ така што Груевски се позиционираше како нов лидер на новото ВМРО со гласови што му ги дотури штабот на Црвенковски, за да „покаже и докаже“ дека тој, а не Груевски му донел најмногу гласови во историјата на ВМРО-ДПМНЕ. Обвинувањето на Груевски дека некои негови сопартијци му забиваат нож во грб беше само фасада зад која се криеше анексот на еден срамен политички договор кој сѐ уште трае.
8. Груевски не е само плачко на кој му е неопходна дневна грижа од странски амбасадори и писмени уверенија од власта за да може политички да функционира. Тој е и катастрофално лош преговарач. Ако не успеа да се избори за „своето“ решение Мирјана Најчевска, наспроти еден раздрндан СДСМ, кој ќе поверува дека ќе ги брани врвните национални или државни интереси на Македонија кога наспроти себе ќе има моќни играчи. Замислете си само колку шапмањско се испило во Атина, Тирана и Приштина по ова сведоштво на нашата мизерија.
9. Вредноста во Македонија ја одредуваат најнедостојните, потпросечните, најнеспособните и поради тоа, сите кои имаат интегритет, сите што се објективна и валоризирана вредност, во широк лак ги заобиколуваат оние кои шират тешка и неподнослива реа околу себе. Груевски на Македонија не може да ѝ понуди ни развој, ни демократија, ни слобода. Ќе го троши времето на конкурси за згодни карактери кои ќе ги поставува во имагинарните институции. А згодни се оние кои беспоговорно ќе го галат неговото его и ќе ги почитуваат неговите лични и партиски интереси.
10. Жените кои се на функција очигледно имаат сертификат издаден од нивните машки колеги дека се со згодни карактери. Аналогно, тие се тамам кокошки за во нивните кокошарници. И Лилјана Поповска, политичката содружничка на Груевски која претставува некакво си женско политичко лоби, после овој шовинистички игроказ на „машките“ политичари покажа дека е дел од оној деградирачки систем каде искомплексирани „мисири“ вршат проценка на карактерот на една личност со изградени позиции и ставови. Нејзиниот молк го открива нејзиното политичко калкулантство и изместена црвена линија на вредностите. После ова, таа и нејзините колешки „политичарки“ можат комотно да се зачленат во АФЖ-то на Б.Ц. за сите заедно, кокетно за 8 Март да трепкаат од радост кога ќе добијат шанса да се поздрават со „лидерот“.
11. Волтер и неговата морална вертикала дека е подготвен со свој живот да го брани правото на различно мислење на оние со кои тој не се согласува, во Македонија не се дел од месната и домашна култура. Затоа Волтер кај нас никогаш нема да се роди.