Здружението за помош и поддршка на лица со попреченост ,,Вера” од Струмица, по втор пат организира модна ревија, во чест на лицата со попреченост, испраќајќи порака дека сите сме исти и заслужуваме достоинствен живот и прифаќање, и покрај различностите.
Настанот е насловен ,,Убави сме, свои сме”, а ќе се одржи на 2 декември, со почеток од 16 часот во хотел Вила Парк, во Струмица. На хуманитарниот настан, како и минатата година, познати лица од јавниот живот ќе се појават во улога на модели, односно ќе им бидат придружба на модната писта на децата со попреченост.
Анче Николова – Туфекчиева, која е мајка на Верче, девојче со Даунов синдром, и организатор на настанот, ни потврди дека годинава има голем интерес, но и безрезервна поддршка околу целата организација. Вели дека голем број на познати лица од политичката сцена, од естрадата и од бизнис секторот, без размислување ја прифатиле поканата да зачекорат заедно со децата – модели, и да дадат свој придонес во подигањето на свеста, односно да се пренесе пораката дека секој има право на достоинствен живот, без оглед на различностите.
-Настанот се случува на Светскиот ден на лицата со посебни потреби, а листата на лицата кои ќе бидат дел од ревијата, како поддршка на децата со посебни потреби, секој ден се дополнува. Музичарот Васил Гарванлиев, Катерина Кузмановска, педијатар од Струмица, уметникот Ване Костуранов, Перо Костадинов, градоначалник на Валандово, професорката Ана Тимова, професорот и советник Томе Лазаров, Мирјана Јанева, шеф на кабинетот на премиерот Зоран Заев, неговата внука Ева Заева, доктор Кристијан Ристовски, оперската певица Јаворка Витанова и голем број на менаџери, бизнисмени, хуманисти и луѓе кои едноставно сакаат да дадат свој придонес во ширењето на пораката дека сите сме исти и убави на свој начин, веќе го потврдија своето учество. Листата е сеуште отворена, во тек се преговорите и со други хуманисти, заинтересирани за учество на овој настан, кој станува традиционален, и значи многу кога е во прашање надминувањето на предрасудите – вели Анче.
И минатата година, кога ревијата се одржа за прв пат, на модната писта со децата модели зачекорија и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, пратеникот Костадин Костадиновски, пејачките Благица Калева, Ленче Кукиќ, Бранкица Свирков, советникот Томе Лазаров, новинарите Ване Трајков и Ѓорги Калајџиев, фоторепортерот Сречко Гунчев, Софија Патрикова, Столе Лазаров, организаторот на „Струмица Опен Фестивал“, Перо Божинов и сопругата на премиерот, Зорица Заева.
Тогаш, од здружението ,,Вера” ни изјавија дека се изненадени од големиот интерес на јавноста, а клубот ,,Индустриал” каде се одржуваше ревијата, беше преполн со гости од сите краеви, кои дојдоа да им ја дадат својата поддршка на лицата со посебни потреби.
-Се започна како една идеја, а погледнете колку народ дојде да им ја изрази својата поддршка на нашите деца, но и нам, на родителите кои секојдневно се соочуваме со најразлични предизвици. Ова многу ни значи. Со овој чекор станува очигледно дека јавната свест се менува, се менува начинот на кој се гледаат и третираат овие лица, а тоа е и нашата цел – нивно прифаќање и надминување на предрасудите кои се присутни во нашето општество со векови – ни изјави тогаш Николова – Туфекчиева.
Вики Клинчарова