Пратениците на НСДП нема да гласаат за предлогот на ВМРО-ДПМНЕ армискиот полковник Ковачки да биде министер за внатрешни работи во техничката влада, доколку тој предлог дојде пред Собранието, истакна пратеничката на оваа партија Соња Мираковска.
– Инсистирањето воено лице да раководи со МВР ќе ја засили перцепцијата на јавноста дека Христијан Мицкоски е уплашен од изборните резултати и не сака соочување со гласачите на 12 април – рече Мираковска.
Таа додаде дека недозволиво оној што ќе има обврска да го штити Уставот, законите и безбедноста во наредните сто дена до изборите да биде избран со кршење на Уставот.
– Знаеме дека вистинската кадровска политика се води во Будимпешта, но се надеваме дека ВМРО-ДПМНЕ се уште има сила и разум да го разубеди Мицкоски во неговите намери да ги опструира изборите – рече Мираковска.
Сепак, таа изрази верување дека ВМРО-ДПМНЕ ќе предложи нов кандидат.