Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу денеска преку соопштение во медиумите порача дека Министерството нема да заземе конечен став за евентуална забрана на социјалната мрежа ТикТок додека за тоа не се произнесат правосудните институции и останатите образовни и безбедносни институции во државата.
-Најпрвин, цензурата е регулирана со Уставот на Република Македонија. Така да конечен став околу таква мерка, може да следи само по координирана активност со правосудните институции и со останатите образовни и безбедносни институции во државата. Оттаму ја поддржуваме иницијативата на МОН за евалуација на ризиците од сите социјални платформи. МИОА има јасен став дека е против секој вид на говор на омраза или насилство, без исклучок, и поддржуваме санкционирање на секој извор на говор на омраза/насилство. Потребно е да направиме дистинкција помеѓу говор на омраза/насилство како и извори на говор на омраза/насилство од една страна и самите платформи за говор преку кои таков говор би се трансимитирал. Оттаму, министерството ги зема во предвид сите социјални платформи без исклучок, се вели во соопштението.
Иако во моментов, како што велат, не заземаат став за забрана на било која социјална платформа, сметаат дека социјалните платформи како феномен на цивилизацијата на нашето време треба да почнат да се регулираат.
-Следствено како Министерство веќе преземаме подготвителни активности во тој правец и ќе се вклучиме со општествени иницијатив своевремено. Апелираме за зголемување на свесноста за социјалните платформи на наставно образовниот кадар и кај родителите и огромно внимание. Дополнително, вклучително и до невладиниот сектор, како и останатите државни институции, телевизиски и радио концесионери да продуцираат содржина со образовно воспитен карактер и да ги пополнуваат празнините на социјалните платформи со добри содржини.
Будно ќе ги следиме случувањата и ќе бидеме во контакт со надлежните институции. Имајќи ја во предвид сензитивноста и опасностите остануваме целосно отворени за коумикација со сите општествени чинители, вели министерот во соопштението.