Ако Антикорупциската комисија утврди дека синот на пратеничката Мира Стојчевска, Виктор Стојчевски не ги исполнувал условите на конкурсот, ќе добие отказ, изјави директорот на ЕЛЕМ Драги Миновски во интервју за Телма.
Миновски рече дека Стојчевски се пријавил на огласот за приправник и ги исполнувал сите законски услови.
-Огласот е објавен за приправник, баравме приправник бидејќи сакаме да вработиме што е можно помлади кадри. Над 70 отсто од вработените во ЕЛЕМ се со над 50 години старост. Како одговорни менаџери сакаме да направиме подмладување на кадрите. Што се однесува за Виктор Стојчевски, вработен е на местото инжинер за нови технологии. Планираме инвестиции од област на обновливи извори, за овие проекти потребни е геодетска и градежна документација, па поради тоа Виктор Стојчевски најмногу ги исполнуваше критериумите – изјави Миновски.
Тој тврди дека не знаел дека е син на пратеничката Мира Стојчевска и дека никој не ургирал да биде примен.
-Во целост ќе ги следиме насоките од Извештајот на Антикорупциската комисија и во целост ќе ги исполниме наодите на Комисијата. Тоа значи дека доколку Антикорупциска утврди некакви неправилности, да ќе му дадеме отказ на Виктор Стојчевски – рече Миновски и додаде дека од 2016 до 2019 бројот на вработени во ЕЛЕМ е во постојано намалување и дека сите вработувања направени изминатиов период биле направени според потребите на компанијата.