Министрите од редовите на ДУИ денеска речиси истовремено на своите профили на Фејсбук објавија дека ги потпишале оставките кои лидерот на ДУИ, Али Ахмети, најави дека ќе ги поднесат министрите од неговата партија, кои ќе стапат во сила по гласањето на уставните измени.
Објава проследена со фотографии од чинот на потпишување на оставките објавија првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за надворешни работи Бујар Османи, за економија, Крешник Бектеши, и за образование, Јетон Шаќири.
Петтиот од групата министри од ДУИ, пак, министерот за финансии Фатмир Бесими, уште вчера на својот фејсбук-профил ја објавил содржината на оставката која ја поднесува до премиерот Димитар Ковачевски.
Во содржината на оставките кои се очекува денеска формално да бидат доставени до премиерот, министрите од ДУИ, меѓу другото, наведуваат дека големите одлуки бараат одговорност, но и политичко, национално и државно жртвување кај секој еден од нив.
Тие велат дека ДУИ не отстапува од интеграцијата на земјава во Европската Унија и оти е свесна за надежите на граѓаните за нејзиното членство во европското семејство.
Освен содржината на оставките, дел од министрите кусо порачаа – „Европската иднина е пред сѐ“.