Министрите горди на извештајот за напредокот на Северна Македонија

by Fokus

Една недела по објавувањето на извештајот за напредокот на Северна Македонија напишан на 120 страници не стивнуваат реакциите. Во делот на политичките критериуми, документот нотира дека Македонија продолжува да ги засилува своите напори за да ја зацврсти демократијата, додека се соочува со одредени предизвици во областа на владеењето на правото.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ уште тогаш истакна дека Владата ги прифаќа укажувањата и ги смета за важен показател за она што се случува и за она што треба да се направи. Препораките во извештајот ќе користат како основа за спроведување на реформите за следниот период.

Според Маричиќ, одлагањето или ставањето во неизвесност на преговорите и на членството на Северна Македонија во ЕУ го става во неизвеснот и реформскиот процес. Прифаќањето на уставните измени, вели тој, останува предуслов кој не може да се прескокне.

„Лажна приказна, мит, но и неодговорна и опасна политичка позиција е дека Северна Македонија има луксуз да чека или дека може да постигне подобар договор во иднина. Уверен сум дека со национален консензус и со максимално вложување на Владата како носител на преговорите, но и на сите засегнати страни, можеме да ја исполниме заложбата да бидеме подготвени за членство во ЕУ до 2030 година“, рече пред една недела Маричиќ.

Тој информираше дека Советот на постојани претставници на ЕУ го усвоил писмото со кое се упатува покана до земјата да ги подготви Патоказите за владеење на правото и за реформа на јавната администрација за отворање преговорите по Кластерот 1 – „Фундаментални вредности“.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека со ова е успешно завршена обврска која ја носи земјата поблиску до отворање на кластерите и поглавјата во насока на забрзана ЕУ-интеграција.

„Добра вест од Брисел! Вчера, Советот на ЕУ го усвои Писмото со кое сме поканети да ги подготвиме Патоказите за владеење на правото и за реформа на јавната администрација за отворање на Кластерот 1 – Темели“, објави пред неколку денови Османи на Фејсбук.

Според власта, извештајот на ЕК е потврда дека ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се кочничари на европскиот пат, со оглед на тоа дека клучен проблем и забелешки се тоа што Собранието е блокирано од страна на опозицијата.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески на прес-конференција, пак, возврати дека земјата го добила историски најлошиот извештај од Европската комисија.

 

 

Поврзани новости