Реално, досега ми се нема случано да застанам на страна на раководители, менаџери, директори, министри со оглед на тоа што се на јавни функции и нивната работа треба да биде критички опсервирана. Но, не ми се случило ни да премолчам кога се работи за голема неправда. А, дека се работи за голема неправда покажува и денешниот пречек на доктор Јовев од вработените, а уште поголем „шамар“ министерот доби од пациентите на кои кардиохирургот им го спасил животот.
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити, кој на министерската фотелја седна пред само три месеци вчера го разреши од функцијата раководителот на Кардиохирургија, проф. др. Сашко Јовев, со што сам си „пукаше“ во нога.
Лавина негативни реакции стигнаа на адреса на првиот човек во здравството, кој очигледно не се надеваше на таков исход, туку мислеше се ќе помине тивко и глатко, како и се друго во државата. Ама, нели се по заслуга.
Реално, досега ми се нема случено да застанам на страна на раководители, менаџери, директори, министри со оглед на тоа што се на јавни функции и нивната работа треба да биде критички опсервирана. Но, не ми се случило ни да премолчам кога се работи за голема неправда. А, дека се работи за голема неправда покажува и денешниот пречек на доктор Јовев од вработените, а уште поголем „шамар“ министерот доби од пациентите на кои кардиохирургот им го спасил животот.
Познато е и тоа правило, барем во здравствениот сектор дека не секој добар хирург е и добар менаџер, но доктор Јовев е еден од ретките кој го докажа токму спротивното. Тоа го докажаа и успесите на Кардиохирургија, каде заедно со неговиот тим на 23 мај, 2020 година ја направија првата трансплантација на срце, а оттогаш имаат изведено вкупно осум пресадувања на срце.
Е, токму тука најсилно удри актуелниот министер, кој првично даде изјава дека разрешниот кардиохирург е неработник, мрзлив и дека тој тоа нема да го толерира, а после бројната лавина на негативни реакции да каже дека во прашање е злоупотреба на работното време.
Што значи тоа? Јовев двапати дежурал, а немал одобрение од претходниот министер Сали. Половина од директорите ем ништо не работат, ем ги малтретираат вработените, ем финансиски ги колабираа болниците, па никому ништо. Дури и се наградени. Ама, па ќе заборавев, тие се послушници.
Но, очигледно причината е сосема друга и се работи повеќе за повредена суета отколку за било што друго. Самиот кардиохирург вчера ексклузивно во изјава за „Фокус“ потврди дека министерот му замерил затоа што го избрал датумот за отворање на хибридната сала, кој му одговарал на премиерот Димитар Ковачевски, а не на Меџити. Тука лежи зајакот.
Но, дали министерот, па и самата владејачка партија СДСМ се свесни дека со ваквиот потег ги бркаме од јавното здравство и ретко добрите лекари, кои останаа на скопските клиники. Зарем не се свесни дека приватната болница на Орце Камчев ги чека со отворени врати, широко срце и длабоки џебови. Зарем целта е да се доуништи и така распаднатото здравство. Ќе нема кој да не лекува. Дали на тоа некој воопшто мисли?
За волја на вистината, слушајќи го министерот во последните неколку недели со жестоките изјави на телевизија, помислив дека конечно решил да им стави крај на неработниците, поточно на оние директори кои навистина заслужиле да ги напуштат менаџерските фотелји. А, ги има бааги. Но, очигледно надежта ми била за џабе, па тој удри најпрвин таму каде што на него му е повредена суетата.
Баш ми е жал што распадот на јавното здравство се случува свесно, а додека сите оние кои ќе седнат на министерската фотелја забораваат на својата првична улога за која се дојдени, па кога ќе им удри моќта во глава, тешко им се пишува и на лекарите и на медицинскиот персонал, но и на пациентите.
Инаку, стојам зад тоа дека секој што се огрешил пред законот треба да одговара, без разлика дали се работи за финансиски злоупотреби или било какви други незаконски дејствија. Нели, за тоа се бориме.
Сепак, морам да нагласам дека овој министер малку ме потсетува на Никола Тодоров, држи темпо 24/7 и посетува по две болници на дневно ниво за да пушта нова опрема за работа, ама изгледа дека заборава како што тргнал дека ќе нема кој да работи со неа и што е многу жално на никој тоа не му е важно. Караванот врви, кучињата си лаат.
И да, да не заборавам: „Министре Меџити не секој добар невролог, е и добар менаџер“…
Тешко на болните!