Повисоката минимална плата, надоместокот за стечајните работници, субвенциите за приватните компании и реформата во здравството и администрацијата, ги ставија во привилегирана положба министерствата за труд и социјална политика, за здравство и за економија во ребалансот на буџетот за годинава.
Вкупно 17,9 милиони евра повеќе од проектираниот буџет за годинава ќе добие Министерството за труд и социјлана политика за да ги реализира предвидените програми до крајот на годината. Околу 3,3 милиони евра се наменети за навремена исплата на сите загарантирани социјални права на граѓаните.
Дополнителни 20,2 илјади евра ќе добие и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за да се обезбеди непречена исплата на пензиите и трошоците за вториот пензиски столб.
Со ребалансот на Буџетот 95 илјади евра се скратени кај претседателот на државата, додека намалување на 10 отсто има и кај сите непродуктивни трошоци на Владата и на сите нејзини институции како што се службените патувања, репрезентации, економски промоции и рекламирање, а најголемо кратење во оваа ставка е направена кај буџетот на премиерот.