Министерството за правда не знае кому да го даде телот на деветнаесетгодишниот Мемет Кембер, кој почина неодамна не успавајќи да добие медицинска помош, бидејќи немал документи и не бил заведен во системот.
ДНК анализата на 19-годишниот Мемет Кембер е завршена.
Три недели од смртта на ова момче надлежните не знаат кому да го предадат телото. Тој имал извод, имал државјанство, но не и лична карта. Мајката на Мемет чиешто име е наведено во изводот, всушност не е неговата вистинска мајка, туку е негова тетка.
„Биолошката мајка го има родено ова дете на 14 годишна возраст, и ова не е единствен случај. Плашејќи се од тоа дали смее или не смее да го заведе своето дете во документацијата, ја зема книшката од својата золва, и така и е заведено детето. Меѓутоа, во моментот тоа не претставува проблем. Во моментот е проблем на кого да се даде детето, на кого да се предаде телото на детето“, изјави Мухамед Точи, државен секретар во Министерството за правда, за емисијата „Топ тема“.
Јавното обвинителство може да даде налог и телото на детето да се предаде на биолошките родители. Тие се тука, присутни се и институциите имаат контакти со нив. Мемет Камбер живеел заедно со нив.
Надлежните сега од нив ќе ги побараат и одговори за прикривање на идентитетот на Камбер. Со тоа, нему му било ускратено правото за здравствена нега и грижа.
Ако до среда не се најде решение и Мемет Камбер не биде погребан, од невладината „Ромалитико“ најавија протест пред Собранието. Тоа е итно барање, а на маса се и други барања, како што е усвојувањето на потребните законски измени, за пристап до лична карта и други документи, токму за ваквите случаи.