Министерството за правда на Украина ќе го разгледа предлогот на Андоновски

by Fokus

Заменикот народен правобранител Јован Андоновски оствари средби и во украинското Министерство за правда со заменичката министерка Ирина Мудра. Заменичката министерка Мудра го извести заменик правобранителот Андоновски за украинските напори кои се однесуваат на меѓународната помош во справувањето со воените злосторства.

Ставот на украинската Влада е дека Русија ја предизвика војната и штетата и Русија треба да плати за тоа, не само во смисла на правна одговорност, туку и финансиски да ги плати направените штети. Украина во моментов работи на воспоставување нова правна алатка, Комитет за обесштетување.

Заменичката министерка Мудра изрази желби и за воспоставување меѓународен трибунал за воени злосторства, но изјави дека дотогаш правна одговорност ќе бараат во рамки на Европскиот суд за човекови права. Дополнително, обиди се прават и за воспоставување меѓународна група за истраги.

Омбудсманот Андоновски беше брифиран и за најголемите проблеми на Украина кои се однесуваат на присилно раселените деца и на воените заробеници бидејќи досега мисијата на Црвениот крст е спречена да направи увид во состојбата со заробените лица кои ги држи Русија. Заменикот народен правобранител Андоновски го пренесе ставот на Република Северна Македонија дека во целост ја поддржува Украина која сѐ уште е под напад од Русија и рече дека Украина може да смета на правна помош од нашата држава, во смисла на поддршка при воспоставувањето нови меѓународни правни алатки и пренесување на искуството во рамки на истите.

Што се однесува до раселените деца, како и воените заробеници, омбудсманот Андоновски  им предложи на украинските власти да побараат формирање меѓународен тим составен од правобранители на неколку држави бидејќи оваа институција, според законите, има право да врши увид, односно да ги посети воените заробеници и децата кои присилно се однесени на руска територија. Андоновски рече дека, за разлика од Црвениот крст, телото составено од правобранители ќе биде правно потешко да се одбие од страна на Русија и дека за да одбијат такво тело ќе им биде потребен сериозен правен аргумент кој во моментов го немаат.

Заменичката министерка Мудра се заблагодари за предлогот и рече дека со задоволство ќе биде разгледан во украинската Влада. Андоновски ги покрена и прашањата со статусот на Украинците во РС Македонија, како и со напорите нашата држава да им обезбеди пристап до здравствени услуги, образование и вработување. 

Поврзани новости