Министерството за одбрана набавува музички инструменти и сабја за почесната единица

by Фокус

Министерството за одбрана периодов распишало неколку тендерски постапки за склучување на договори за јавна набавка, вклучително и за набавка на музички системи, музички инструменти и сабја за почесната единица во рамки на армијата.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, Министерството, преку секторот за логистика, објавило за оглас за системи за јавни обраќања (разгласи) и за музички инструменти и делови на средината на април, кога веќе беше прогласена вонредна состојба поради пандемијата од корона вирусот.

Според тендерската документација, набавката е поделена на 5 делови, при што два дела се однесуваат на трски за дувачки музички инструменти и по еден за професионален сет на ударни инструменти, офицерска сабја за почесна единица и музички системи, чија проценета вредност изнесува вкупно 505.047 денари без ДДВ, односно над 8 илјади евра.

Инаку, оваа набавка се наоѓа во овогодишниот план како пренесена обврска од минатата 2019 година, а критериум за доделување на набавката е најниска цена, додека договорот ќе треба да се реализира во период од 8 месеци.

Истовремено, ресорот раководен од министерката Радмила Шекеринска спроведува постапки за технички преглед на високопритисни парни котелски единици, реконструкција на паркинг простор, оспособување на лифтовски постројки, генерален сервис на вести, поправка на пловни објекти, палети за складирање на муниција, потрошен стоматолошки материјал…

В.С.

Поврзани новости