Министерството за култура не утврдило неправилности кај Манчевски за филмот „Врба“, за „Мајки“ не било надлежно

by fokus

Откако Агенцијата за филм поднесе кривична пријава против продуцентската куќа „Банана филм“ на режисерот Милчо Манчевски, а продукцијата во реакција по барање на „Фокус“ ги демантираше обвинувањата за незаконскo работење, прашавме во Министерството за култура што констатирала нивната инспекција.

Од Министерството за „Фокус“ објаснија дека до Секторот за управен и инспекциски надзор во Министерството за култура била поднесена Иницијативата од Агенцијата за филм со барање за вршење вонреден инспекциски надзор во Друштвото за филмска продукција Банана филм ДООЕЛ – Скопје за реализацијата на филмските проекти „Мајки“ и „Врба“, во режија на Милчо Манчевски.

Во однос на реализацијата на проектот „Врба“, од страна на инспектор за култура е извршен вонреден инспекциски надзор во Банана филм – Скопје за што е составен Записник со којшто, во делот од наводите во Иницијативата, не е утврдено ненаменско користење на средствата или користење на средствата добиени од Агенцијата за филм спротивно на Договорот, од причини што корисникот на средствата се придржувал кон Финансискиот и оперативен план за реализација на проектот, како составен дел од Договорот.

Додека во однос на филмскиот проект ,,Мајки“ (за којшто поранешната НУ Филмски фонд, Скопје, во 2009 г. склучила Догoвор за финансирање со Банана филм – Скопје), Агенцијата за филм е известена дека не постои основа да биде извршен инспекциски надзор врз основа на Законот за филмски фонд, имајќи предвид дека Законот не е во сила, односно престанал да важи уште од 1 јануари 2014 г., со денот на применувањето на постојниот Закон за филмската дејност.

Со оглед на тоа што во Иницијативата од Агенцијата за филм, меѓу другото, е наведено дека од страна на Агенцијата „констатирани се пропусти, незаконитости и неисполнети обврски за филмскиот проект „Мајки“ од страна на продуцентот, кои се од важност за сите други проекти кои овој продуцент ги реализирал со правниот следбеник на Филмскиот фонд на РМ, сега АФ“, инспекторот за култура немал основа да врши инспекциски надзор за реализација на филмскиот проект „Мајки“, Записникот од извршениот вонреден инспекциски надзор, заедно со Иницијативата од Агенцијата за филм, се доставени до Министерството за финансии, Управа за финансиска полиција, на запознавање и евентуално натамошно постапување доколку Управата процени дека има основа за тоа, велат од Министерството за култура.

Агенцијата за филм соопшти дека поднела кривична пријава против продукцијата „Банана филм“  на Манчевски и понатаму ќе ги стопира сите заеднички проекти.

Од таму се сомневаат дека продукцијата не ја искажала фактичката состојба за работењето на проектите „Мајки“, „Врба“, „Кајмак. и „Биста“, а се повикуваат токму на инспекција извршена од Министерството за култура и од Управата за финансиска полиција.

Согласно наведеното, Управниот одбор на Агенцијата за филм донесе одлука да ги задолжи директорите на Агенцијата да донесат одлука за стопирање на снабдувањето и финансирањето на проектите „Кајмак“ и „Биста“ на истиот продуцент, додека претходното прашање не е законски решено“, велат од филмската агенција.

Во соопштението се вели дека за проектот „Мајки“ продукцијата се уште го нема доставено конечниот извештај за потрошени 55.000.000,00 денари, како и за сите други дополнителни средства потрошени за реализација на овој проект.

Во однос на проектот „Врба“, Агенцијата наведува дека, во процес на проверка на фактот – префрлањето на повисоките трошоци од средствата доделени на сметка на правно лице во странство, што им припаѓа на сопствениците на продукцијата „Банана филм. “ – Скопје.

Според продукцијата на Манчевски, раководството на Агенцијата за филм лаже за да го сврти вниманието од нивното незаконско работење и како одмазда затоа што нивниот криминал е пријавен до надлежните институции. Од правниот тим на „Банана филм“ велат дека Агенцијата лаже дека инспекцијата на Министерството за култура нашла неправилности во работата на „Банана филм“, а инспекцијата го вели спротивното („Корисникот на средствата се придржувал кон финансискиот и оперативен план согласно Законот“). Како што додаваат, сите надлежни органи потврдуваат дека во „Банана филм“ се работи законски и ниту еден надлежен орган во моментов не води постапка против оваа продуцентска куќа.

Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости