Министерството за култура денеска донесе решение за разрешување на Роберт Вељановски од функцијата директор на Националната установа Драмски театар – Скопје.
Од министерството во соопштение ги образложија и причините за разрешување на Вељановски од директорката функција. Отаму велат дека во изминатиот четиригодишен период Вељановски нема спроведено постапка за реаудиција. Исто така, инспекцијата констатирала и дека незаконски бил издаван под закуп дел од објектот на Националната установа, простор што е во сопственост на Република Македонија, со оглед дека претходниот договор за закуп бил истечен на 14.2.2015 година.
Во соопштението стои дека не се водела соодветна евиденција за работното време на вработените, предвидена со Законот за работните односи, а досегашниот директор Вељановски донел и годишна програма за работа на установата без согласност на Управниот одбор.
Од Министерството информираат дека најбргу што може ќе биде предложена измена на Законот за државните службеници со цел да се деблокираат институциите и да се обезбеди демократски трансфер на власта во сите ресори.