Трансферот на вработени од јавниот во приватниот сектор ќе биде исклучиво доброволен процес, никој вработен нема да биде принуден на тоа, потенцираат од Министерството за информатичко општество и администрација во реакцијата на денешната прес-конференција на Конфедерацијата на слободни синдикати. Обвинувањата од КСС изнесени на прес-конференцијата, според МИОА, се неосновани и не се поткрепени со конкретни докази и примери. Тие, како што се наведува во реакцијата, се дел од политизирањето на процесот од страна на КСС во овој предизборен период.
„Со оглед на предизборниот период, сите можности за казни, трансфери, награди не се активни, што значи дека ова обвинување за притисоци и закани не може никако да се поткрепи со примери од секојдневното работење на институциите. Дополнително, зборуваат за поврзаност на трансферот од јавен во приватен сектор со наводни постапки за дисциплински престап, кои секако се забранети во овој период. Трансферот се уште не е отпочнат низ конкретно предвиден процес, а за утврдување на условите и начинот на којшто ќе се спроведува се разговара со сите засегнати страни, вклучително и со синдикатите за што КСС се свесни и се во тек. Разговорите ќе продолжат да бидат инклузивни и одлуката ќе се донеси заеднички“, нагласуваат од министерството.