Откако Здружението за детски дијабетес „Баланс“ јавно го праша министерот за здравство Никола Тодоров каде исчезна за само еден месец донираниот инсулин вреден 700.000 евра, со експресна реакција се јавија ресорното министерство. Од таму повторно ги обвинуваат дијабетичарите дека манипулираат и ги девалвираат нивните заложби за унапредување на грижата за лицата со дијабетес.
– Тендерот за набавка на инсулинска терапија е веќе завршен, договорите со добавувачите се потпишани и сите инсулински аптеки низ земјатасе снабдени со набавената инсулинска терапија. Апсолутно е неточно тврдењето дека во аптеките има недостиг на ленти за мерење гликемија. Овие ленти не само што не недостигаат, туку веќе ги има и во поголем број за разлика од порано, бидејќи неделава почна дистрибуцијата на зголемен број на бесплатни ленти за мерење на гликемија кај пациенти со дијабетес тип 2 на инсулинска терапија. Бројот на ленти за мерење гликемија е за 7 пати зголемен за разлика од порано, така што наместо досегашните 4 ленти месечно, пациентите отсега добиваат по 30 ленти месечно. Исто така, инсулинските игли кои се применуваат се согласно светските стандарди и се соодветни за супкутана апликација – се наведува во соопштението од министерството.
Од таму додаваат дека е трагично тоа, што некој продолжува да се поигрува со судбината на оваа исклучително ранлива група на пациенти, поради само нему познати интереси.
– Министерството за здравство и понатаму спроведува најквалитетна грижа за оваа група на пациенти, и продолжува да обезбедува најквалитетна инсулинска терапија, споредено не само со земјите од регионот, туку и со голем број на високоразвиени земји од Европа и светот – се наведува во соопштението.