Од Министерството за здравство реагираа на информацијата дека Владата ги намали средствата кои беа предвидени за Програмата за лекување ретки болести за 2016 година за 797.000 евра.
Од таму велат дека ниеден пациент не е исклучен од Програмата за ретки болести и дека буџетот варира според потребите.
-За склучените договори за лекови за ретки болести најчесто плаќањето се врши во две фискални години, согласно потребите на пациентите и испораката од страна на економските оператори, па оттука и висината на средствата кои се предвидени за една година може да варира.
Потенцираме дека секоја испорака на лекови се врши според потребите на пациентите, а плаќањето се врши сукцесивно по извршена испорака, во рок од 60 дена по извршена испорака. Тоа значи дека реализацијата на договорот најчесто преминува од една во друга фискална година, согласно повлекувањето на лековите кое е пропорционално со плаќањето – стои во соопштението.
Инаку, Со одлука на Влада од 20 септември изменета е Програмата и наместо 3,3 милиони евра, сега предвидени се 2,5 милиони евра.