Министерството за правда соопшти дека го подготвиле предлог Законот за амнестија со кој се овозможува ослободување и намалување на затворски казни за лесни кривични дела.
-Се очекува тој да биде усвоен на наредната седница на Влада. Предлог законот беше доставен и до координаторите на пратеничките групи во Собрание кои треба да дадат свои забелешки и сугестии. Целта е да се овозможи рестеретување во казнено поправните установи со оглед на фактот што состојбата таму во изминатиот период е алармантна, а тоа беше потенцирано во бројни меѓународни извештаи како и од Комитетот против тортура во рамките на Советот на Европа, соопшти Министерството за правда.
Од Министерството појаснуваат дека со законот се предлага лицата на кои им е изречена казна затвор до 6 месеци потполно да се ослободат од издржување на казната.
-Осудените лица на кои им е изречена казна затвор над шест месеци, се ослободуваат од издржување на 30% од целокупната казна изречена со правосилна пресуда, соопшти Министерството за правда.
Амнестијата, како што објаснуваат од Министерството за правда, не се однесува на лицата кои се осудени на доживотен затвор, за кривично дело убиство, за кривични дела против изборите и гласањето, против половата слобода и половиот морал, против државата, против човечноста и меѓународното право.
-Амнестијата не се однесува за кривичните дела: Злоупотреба на службената положба и овластување”од член 353 , Несовесно работење во службата од член 353-в, сите од Кривичниот закон,за кривични дела против јавниот ред од членовите 394 до 394-г од Кривичниот законик, како и за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство и родово -базирано насилство. Амнестијата не се однесува за кривични дела ,Разбојништво од член 237 став 5 и Разбојничка кражба од член 238 став 5 од Кривичниот законик, за кривичните дела: Измама на штета на средства на Европската Унија од член 249-а, Перење пари и други приноси од казниво дело од член 273, Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353, Несовесно работење во службата од член 353-в, Примање поткуп од член 357, Давање поткуп од член 358, Давање награда за противзаконито влијание од член 358-а и за Примање награда за противзаконито влијание од член 359, сите од Кривичен законик, соопшти Министерството за правда
Од Министерството за правда велат дека амнестијата не се однесува на лицата кои делата кои се предмет на амнестија ги сториле по први септември годинава.
-Амнестијата не се однесува на лицата кои во време на сторување на делата биле избрани и именувани лица во Република Северна Македонија. Амнестијата не се однесува на правосилно осудени лица за кои до денот на влегувањето во сила на овој закон е наредено издавање на потерница поради недостапност на органите за кривичен прогон. Очекуваме поддршка од сите пратеници за ова законско решени, соопшти Министерството за правда.