Министерство за парада

by Fokus

Сѐ додека не се исчисти метастазираното ткиво во судството и во обвинителството, нема да можеме да зборуваме за реформи и за независно судство, туку повторно сѐ ќе се сведе на веќе чуен монолог на министер за парада

 Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

Заробено и зависно судство, исполитизирано до крајни граници, со клиентелистичка ментална матрица, е состојбата со која се соочија најголемиот дел од балканските земји.

Ситуацијата по падот на комунистичкиот блок не беше ни малку различна во земјите на тогашниот Варшавски договор, но тие брзо и релативно ефикасно успеаја да го реформираат и престројат и судството и општеството воопшто.

Тој процес на Балканот се одвиваше повеќе вербално отколку реално и, освен планови, зборови и „млатење празна слама“, дела немаше.

МЕТАСТАЗИРАНО ОПШТЕСТВО

Корупцијата на општеството толку метастазираше, што стана нормална појава во сите сфери на општественото живеење. Корупцијата стана начин на живеење, однесување и владеење во балканските земји. Облиците на корупцијата добија многу форми што не се однесуваа само на давање и примање поткуп, туку и на стекнување и овозможување привилегии, достапноста на високи позиции без потребни знаења и квалитети , а врз основа на роднински, партиски или бизнис-врски, злоупотребите на службената положба или злоупотреби на влијанието, напредување по партиски или послушнички клуч и уште многу суптилни и тешко воочливи форми на корупција.

Сето тоа неминовно доведе до нетранспарентноста, неотчетноста и недопирливоста на определени лица или групи на луѓе. За да се одржи и менаџира таквата коруптивна состојба на општеството, еден од основните постулати е судството да е заробено и несамостојно, контролирано и диригирано од центри надвор од него.

Во теков на изминативе децении, систематски и темелно се работеше на разнебитување на судството, негово политизирање и устројување како алатка што ќе ѝ служи на врхушката што е на власт.

Само со заробено и несамостојно судство, судство во кое нема објективни критериуми за наградување, напредување и казнување, туку тоа зависи од исполнувањето определени задачи и лојалноста кон тој што е на власт, е можна апсолутна моќ во управувањето со државата и нејзините ресурси без страв од последици.

ПРАЗНИ ЗБОРОВИ

Години наназад, со секој нов министер за правда се најавуваше реформа во судство и нова стратегија како правосудството и државата допрва да се формираат и да почнуваат од нив.

Но, со години наназад стануваше сѐ појасно дека тоа се само празни зборови без вистинска политичка и државничка волја да се спроведат вистински длабоки и коренити реформи и без вистински дела на теренот.

Измислиците кои скапо го чинеа народот, како што се нотарите, извршителите и медијаторите, не само што ја намалија надлежноста и моќта на судството и неговите ингеренции, туку го усложнија и го поскапеа процесот на остварување на некои права, а во исто време овозможија поголемо влијание на политиката и партиите во овие сфери.

Нема да ги елаборирам сите атрибути на власта, кои со ваквите решенија му се одземени на судството, само ќе напоменам дека судството тешко ќе се наметне како реална власт и моќ ако своите одлуки не ги спроведува и во праксата. Таа моќ ја добија некои други, како што се извршителите на пример.

Посебна приказна е Академијата за судии и обвинители, која повторно го усложнува целиот процес на регрутирање кадар во правосудството, но во исто време е и ефикасен начин на овозможување на создавање кадар што ќе ѝ погодува на политиката и нејзините креатори.

Создавањето на Судскиот совет и Советот на  јавни обвинители е пример како добра идеја спроведена на лош начин може да биде вешто искористена за комплетна политизација на судството и креирање на кадровската политика на подобни и неподобни судии.

ПОДОБНИ И НЕПОДОБНИ СУДИИ

Реформите во кои требаше да се изврши генерален реизбор на судии и обвинители, не само што никогаш не заживеа, туку не се направи ниту еден чекор да се спроведе оваа реформа. Потоа се премина на идејата за ветинг, која остана исто само на зборови.

Потоа нов министер и нова идеја за евалуација на работењето на судиите и обвинителите, која заврши како и претходните две, на зборови. Во меѓувреме се најавуваа метли, проветрувања, прочистувања и што ли сѐ не и повторно само празни зборови.

И покрај фалбите на првите луѓе од Министерството за правда, кое народот сѐ повеќе го доживува како министерство за неправда, ништо суштински и реално не е направено во правец на реформи во оваа област.

За разлика од силните вилици и празни зборови на нашите министри, министрите на Албанија проценија и реално согледаа дека корупцијата на судството ја погодува Албанија и заклучија дека судските реформи мораат да имаат за цел да обезбедат независност на судиите и обвинителите од политиката за да се искорени митото.

Но, тие не останаа на зборови, туку формираа комисија, која извршила проверка на работењето на судиите и нивната имотна состојба. Проверени се околу 500 судии и обвинители од 800, од ​​кои 180 се разрешени, 70 поднеле оставки за да ја избегнат проверката, а само 190 останале на своите работни места. Е , тоа е добар почеток на вистински реформи во судство и не треба ни многу памет ни многу филозофија да се спроведе , туку треба да се има само волја и желба.

Сѐ додека не се исчисти метастазираното ткиво во судството и обвинителството, нема да можеме да зборуваме за реформи и за независно судство, туку повторно сѐ ќе се сведе на веќе чуен монолог на министер за парада.

 

 

Поврзани новости