Министерство за финансии: Се преговара за нов општ колективен договор, нема простор за поединечни решенија

by Fokus

Министерството за финансии по денешниот протест на вработените во УЈП, кои бараа зголемување на платите,  соопшти дека во процес на преговори е Општ колективен договор и дека нема простор за поединечни решенија пред неговото потпишување.

„Владата се залага за зголемување на сите плати во државата, со цел подобрување на животниот стандард на граѓаните. Поткрепа за ова е континуираниот раст на платите во јавниот и приватниот сектор и покрај неколкуте напоредни глобални економски кризи во изминатите три години. Во однос на барањето на дел од даночните работници за раст на платите, истакнуваме дека Владата се залага за систем за раст на платите во целиот јавен сектор“, соопшти Министерството за финансии.

Од Министерството за финансии велат дека  преку Економско социјалниот совет, заедно со социјалните партнери, веќе се работи на утврдување на систем за плати на сите вработени во јавниот сектор.

„Во подговка е нов Закон за  плати на вработените во јавниот сектор и нов Општ колективен договор за јавниот сектор, кој во иднина ќе овозможи континуиран раст на платите. Во услови кога се очекува да се воспостави вакво системско решение, а за кое се водат веќе разговори во Економско-социјалниот совет, секое поединечно решение, пред финализирање на овие два акта,  ќе биде нарушување на воспоставувањето на таквиот систем и постигнување на крајната цел“, соопшти Министерството за финансии.

Од Министерството велат дека целта на Владата е да се воспостави воедначено, системско решение кое ќе биде фискално одржливо на долг рок и кое соодветно ќе го валоризира трудот на работниците.

„Очекуваме дека преговорите во ЕСС ќе продолжат и дека наскоро заеднички ќе се дојде до одржливо решение прифатливо за сите страни“, соопшти Министерството за финасии

Поврзани новости