Министерството за одбрана реагира на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на која се тврдеше дека министерката за одбрана Радмила Шеќеринска купила 11 возила за 9,5 милиони денари.
„Јасно е дека ВМРО ДПМНЕ не може да замисли јавна набавка без министер или премиер да дадат нарачка како за „она на М“. Праксата на набавки како што беше набавен блиндираниот мерцедес во времето на ВМРО ДПМНЕ заврши. Оваа партија продолжува со опасна манипулација на јавноста – и покрај тоа што вчера во медиумите беше објавен одговор од МО во кој јасно стои дека возилата се набавени за служба во МО чиј возен парк беше амортизиран, дека не се работи за пари на граѓаните, туку за странска донација, и дека потпишаниот договор е за речиси 2 милиони денари поевтин во однос на проектирната сума за набавка на возилата, тие денеска решија да лажат – се наведува во соопштението од одбрана.
Возилата се набавени преку транспарентна постапка за јавна набавка согласно Законот за јавни набавки. Вкупната вредност на Договорот за сите 11 возила изнесува 9 453 500,00 денари, што е за околу 2 милиони денари пониска сума од проценетата врeдност на набавката. Набавката беше поделена во 3 дела, во сите три дела по објавен оглас во отворена постапка се јавија повеќе понудувачи и по спороведена електронска аукција согласно критериумот најниска цена, беше избран најповолен понудувач за секој дел од набавката. За целата набавка вкупно шест понудувачи учествуваа на електронска аукција и така е постигната најниската цена по која е склучен договорот за набавка. Јасно, кристално чисто и законски.