Mинистерски совет на ЕУ – дали Бугарија пак ќе стави вето?

by fokus 08:36
08:36

Денеска се одржува Советот за општи работи на ЕУ на кој министрите за европски прашања на земјите членки на Унијата треба да донесат одлука за одржување на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија и со Албанија, но сигналите од Софија не даваат голем простор за надеж.

Португалија, која претседава со денешниот состанок, не се откажува од позитивна одлука, според нивните дипломати во Брисел. Дипломатските контакти на релација Лисабон – Софија се интензивираа во последните недели, а Португалија поднесе и конкретен предлог до двете страни, кој треба да служи како компромисно решение за Бугарија да ја крене својата блокада, јавува дописничката на МИА од Брисел.

- Advertisements -

И покрај португалскиот оптимизам, македонската страна останува воздржана. Премиерот Зоран Заев во повеќе наврати посочи дека не сака да ги крева очекувањата на граѓаните за да се избегне ново разочарување.

Северна Македонија, како и Албанија, од 2018 чекаат формално да започнат овие преговори со ЕУ за кои сега и двете земји ги исполнија сите услови, а воведена е и нова преговарачка методологија во ЕУ, на барање на Франција.

Сценаријата за одвојување на Северна Македонија и Албанија и понатаму кружат во дипломатските кругови во Брисел, иако мнозинството земји членки и челници на ЕУ изјавија дека се против оваа опција. Останува сепак дека Тирана, за разлика од минатата година, сега ги исполнува условите за старт на преговори, и има поддршка и од највоздржаните земји.

Се очекуваат бурни дебати денеска помеѓу министрите за европски прашања во Луксембург, каде што се одржува овој Совет за општи работи.

Португалија има целосна поддршка од сите земји членки на ЕУ за поднесениот предлог за надминување на блокадата на Бугарија, на Софија останува да одлучи дали повторно ќе го искористи ветото и покрај бројните критики од останатите земји членки дека ова вето не е принципиелно, но и дека повторно блокирање на Северна Македонија испраќа негативна порака и во самата земја, како и во целиот регион, посебно кога е во прашање решавање на билатерални спорови.

Македонскиот државен врв гарантираше повеќе пати дека јазикот и идентитетот нема бидат жртвувани за почеток на преговори со ЕУ.

Поврзани новости