Од 2020 година, односно откако стана членка на НАТО, Македонија учествува на редовните министерски состаноци што ги одржува Алијансата. Еднаш годишно се среќаваат министрите за надворешни работи, а еднаш годишно министрите за одбрана.
Утре и задутре во седиштето на НАТО во Брисел ќе се одржи состанокот на министрите за одбрана. Македонија ќе има своја делегација, но од оправдани причини нема да присуствува министерката Славјанка Петровска.
Главна тема на овогодинешниот состанок секако ќе биде ситуацијата во Украина и како НАТО да продолжи да дејствува во насока на поддршка за зачувување на територијалниот интегритет на земјата, но и на своите земји-членки.
Пред состанокот денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја истакна итноста за испорака на клучните капацитети на Украина пред Русија да ја преземе иницијативата на бојното поле.
Се очекува министрите да договорат зголемена амбиција за одбранбеното планирање на НАТО и да се осврнат на начините за зголемување на одбранбениот индустриски капацитет и надополнување на залихите. Тие, исто така, ќе преземат чекори за зголемување на заштитата на критичната подморска инфраструктура и ќе разговараат за начините за одржување, но и зголемување на трошоците за одбрана низ Алијансата.
Ако Путин победи во Украина, пораката до него и до другите авторитарни режими е дека силата победува.Затоа, ги поздравувам неодамнешните најави на сојузниците за нови тенкови, тешко вооружување и обука за Украина.
И со нетрпение очекувам понатамошни испораки, рече Столтенберг.
Министрите ќе се осврнат и на тоа како НАТО да ја засили практичната поддршка за Босна и Херцеговина, Грузија и Молдавија, за, како што рече Столтенберг, тројца ценети НАТО партнери, кои се соочуваат со руски закани.
Во среда, сојузниците ќе донесат одлуки и за дополнително зајакнување на секторите за одвраќање и одбрана.
Сега треба да се осигураме дека ги имаме вистинските сили и способности на подолг рок.
Затоа, очекувам дека сојузниците ќе договорат нови насоки за одбранбеното планирање на НАТО. Ова ќе биде клучен двигател на промените во способностите. И да се обезбеди веродостојно одвраќање и одбрана во годините што доаѓаат, вели Столтенберг.
Еден од главните проблеми со кои се соочува НАТО во моментов, а кој ќе биде адресиран на состанокот е големата на воените индустриски капацити, кои со војната во Украина не можат навремено да ги задоволат потребите за муниција.
Затоа, министрите ќе се фокусираат на начините за зголемување на НАТО одбранбен индустриски капацитет и надополнување на залихите, бидејќи војната во Украина троши огромна количина муниција и ги исцрпува резервите на сојузниците.
Сегашната стапка на трошоците за муниција во Украина е многу пати повисока од сегашната НАТО стапка на производство, што ги става под притисок одбранбени индустрии. На пример, времето на чекање за муниција од голем калибар е зголемено од 12 на 28 месеци. Односно, нарачките направени денес ќе бидат испорачани две и пол години подоцна.
Освен на овие теми, министрите ќе разговараат и ќе донесат одлуки и за заштита на подводната инфраструктура, како и инвестирање во вселената.
Се очекува сојузниците да се согласат да воспостават нова виртуелна мрежа на национални и комерцијални сателити со што ќе се подобри НАТО разузнавањето и надзорот и ќе биде поддршка на мисиите и операциите на НАТО.
Ова ќе им овозможи на сојузниците да го зголемат споделувањето на вселенските податоци со командната структура на НАТО и ќе донесе олеснување и подобра навигација, комуникација и рано предупредување за лансирање проектили.
Столтенберг потенцираше дека сето ова бара континуирано инвестирање во одбраната, па така министрите ќе разговараат за начините за одржување, но и за зголемување на трошоците во одбраната на земјите членки.
За Фокус од Брисел
Катерина Смилева Божиновска