На денешниот прв брифинг со новинарите, новоименуваниот министер за здравство, Фатмир Меџити најави дека сообраќајниот хаос на Клиничкиот центар, ажурирањето на позитивната листа на лекови и зголемување на платите на здравствените работници ќе му се главните приоритети.
„Наш прв приоритет ќе биде да го решиме сообраќајниот хаос во Клинички центар. Се консултираме со сите институции, засегнати страни и размислуваме тоа да го решиме во најбрз можен рок. Како второ, ќе ја ажурираме промената на позитивната листа, и како трето и многу важно, ќе ги зголемиме платите на здравствените работници. Многу е битно ние да можеме да отвориме нов ургентен центар, интернистички тријажен центар. Другото прашање кое долго време се поставува во државата и е од голема итност, е да го продолжиме проектот за нов клинички центар и да направиме регионализација на болниците во државата. И за регионализацијата и за клиничкиот центар имаме детален проект како ќе се одвиваат работите“ – најави министерот Меџити.
Тој потсети дека и самиот доаѓа од Клиничкиот центар и рече дека како лекар, пред се му се пациентите.
Министерот Меџити рече дека мора сите да придонесуваат за подобро здравство. Додаде дека нивен фокус се подобри услови за сите пациенти, не само во главниот град, туку во целата држава.
Меџити рече дека ја има довербата од премиерот Ковачевски и од целата Влада, а напомена дека за него новинарите се многу важен елемент.
Нагласи дека со неговиот тим сакаат работите да одат на подобро, па ќе се потрудат да решат се и нема да префрлаат вина на никого.
Министерот Меџити најави смени на некои од директорите на клиниките, на Неврологија, на Очна клиника, Ендокринологија, Дерматовенерологија, како и организациските директори на Клиниката на Гинекологија и акушерство и на Онкологија.